Фер и демократски избори се само почетокот на решавање на кризата во Македонија, вели британскиот амбасадор Чарлс Герет во интервју за БИРН.
Тој смета дека кризата ќе трае со месеци, а можеби и со години, бидејќи како што рече е длабока и сложена и произлегува од проблемите во функционирањето на демократијата и владеењето на правото во државата.
Клучот за трајно решение на кризата според Герет лежи во откривањето и преземањето на одговорноста за сето она што произлезе од прислушуваните разговори како сомнеж за изборни измами, злоупотреба на власта, можна корпуција и други криминални дејствија.
-Истражувањето на тие наводи и утврдувањето дали нешто има во нив или не и дали има потреба од судска разрешница е исклучително важен момент. На тоа мислам кога велам дека е неопходна одговорност. Тоа е од суштинско значење. Без тоа не е можно одржливо решение на кризата – вели Герет.
Во тој контекст, британскиот амбасадор изразува недвосмислена поддршка за Специјалното јавно обвинителство и очекува политичките партии да одговорат на сите барања што тоа ги поставува.
Герет се надева дека по двете одложувања на датумот за избори оваа година, предвремени избори ќе се одржат на 11 декембри, затоа што, како што вели, евентуално ново одложување ќе создаде несигурност и конфузија во земјата.