Дали СДСМ ја чека судбината на ПАСОК, која своевремено беше водечка партија во грчката левица, но веќе е многу далеку од политичкиот врв? Или, пак, пореално е сценариото ВМРО-ДПМНЕ да дојде во иста позиција како ГЕРБ, која победува на избори во Бугарија, но тешко успева да состави влада, анализира најновиот број на неделникот „Фокус“.
Влатко СТОЈАНОВСКИ
Терминот „пасокизација“ е релативно нов, но истовремено и доволно стар, за да биде јасен контекстот во кој се употребува. Имено, тој се поврзува со политичката партија ПАСОК, која своевремено беше доминантна централно-левичарска партија, но беше истисната од страна на Сириза.
Инаку, ПАСОК е основан во 1974 година од страна на Андреас Папандреу, веднаш по падот на воената диктатура. Но, за иронија на судбината, ако ПАСОК била воздигната од Папандреу, кој го враќа народниот суверенитет и спроведува демократска рехабилитација, падот почнува за време на владеењето на неговиот син Јоргос Папандреу.
Токму за време на владата на ПАСОК предводена од помладиот Папандреу, Грција се соочи со големи финансиски и социјални проблеми, голем буџетски дефицит, јавен долг и стапка на невработеност. Иако тоа беше „заслуга“ и на ПАСОК и на десничарската Нова демократија, кои со години ги „пумпаа“ граѓаните со разни бенефиции, на крајот револтот од стегањето на ременот падна врз грбот на левицата.
Во еден таков амбиент, замав зеде тогаш ултралевичарската Сириза на чело со Алексис Ципрас, наметнувајќи се како антиестаблишмент-партија. Од тој процес, најголема штета имаше токму ПАСОК, која на изборите во 2009 година освои 44 отсто од гласовите или 160 пратенички места, а веќе во 2012 година падна на 41 пратеник, за во 2015 година да биде дотолчена со само 13 освоени пратеници.
Паралелно со тоа, Сириза, не само што го освои левиот простор, туку ја освои и власта во Грција по „болните“ меморандуми што Грција ги потпишуваше ЕУ, ММФ и Светска банка, со кои се предвидуваа драконски мерки на штедење. Во меѓувреме, Сириза се трансформираше од радикална во умерена и конвенционална левица.
Затоа, со „пасокизација“ се означува аналогија за пропаст на доминантна левичарска структура, а овде најмногу го употребува Левица, која смета дека СДСМ ќе ја доживее судбината на ПАСОК, додека тие ќе се наметнат како доминантна лева сила по примерот на Сириза.
Освен тоа, за потенцијална „пасокизација“ на СДСМ има уште еден основен предуслов, а тоа е СДСМ прво да падне во опозиција. Но, како моментално се наредени коцките на политичката сцена, постојат поделени мислења дали ВМРО-ДПМНЕ е во кондиција да ја освои власта? Зошто многумина се сомневаат во таков епилог?
Според застапниците на оваа теза, пореална е можноста за „гербизација“ на ВМРО-ДПМНЕ отколку за „пасокизација“ на СДСМ. Иако ВМРО стои подобро на анкетите и има поголема поддршка, според нив, нивниот проблем е што СДСМ има поголем коалициски потенцијал.
Што, всушност, значи „гербизација“? Станува збор за исклучително нов поим, кој веќе го употребија неколку домашни аналитичари, правејќи проценка дека ВМРО-ДПМНЕ може да ја доживее судбината на ГЕРБ на Бојко Борисов. Тој успева да победи на парламентарни избори, но се мачи да формира влада, бидејќи има широк политички фронт спроти себе.
За потсетување, Борисов беше избран за пратеник како дел од Движењето на царот Симеон Втори во 2005 година, а истата година станува и градоначалник на Софија. Веќе следната година ја основа организацијата ГЕРБ, која прераснува во политичка партија што го зазема главното место во десницата.
Арно ама, во контекст на ВМРО-ДПМНЕ не се користи овој почетен дел од историјата на ГЕРБ, кога Борисов со нова партија успева да ја направи продор, што е реткост во десничарските кампуси, од проста причина што овие партии имаат многу поцврсто и похомогено гласачко тело отколку левите.
Туку, во предвид се зема поновата историја на ГЕРБ, откога Бугарија влезе во перманентна политичка криза токму поради владеењето на Борисов, што произведе многу таканаречени протестни партии. Меѓу нив беше Има таков народ на популистот Слави Трифонов, кој успеа да победи на избори, но не направи влада и веќе стана декор во бугарската политика.
На следните избори победи уште една млада партија – Промената продолжува на експремиерот Кирил Петков, кој беше дел и од една од привремените влади назначени од претседателот Румен Радев. На последните два изборни циклуси, пак, на прво место завршува ГЕРБ на Борисов, но далеку е од позиција да формира влада.
Така беше на претходните избори, иако Борисов отстапи од амбицијата повторно да биде премиер. И сега е во тешка ситуација, па затоа подава рака кон најголемиот ривал Петков, промовирајќи го концептот за заедничко владеење.
Неговата идеја во суштина претставува адаптирана верзија на германскиот модел за заедничко владеење, што долги години го аплицираа демохристијаните и социјалдемократите. Но, проблемот е што ниту Борисов, ниту Петков не се неспорни авторитети како што беше Ангела Меркел во Германија, за еден од нив да ги амортизира разликите, нудејќи концепт за заедничко владеење за повисоки цели.
Покрај тоа, се забележува дека Борисов инсистира на договор, а Петков упорно одбегнува, од причина што неговата партија се роди како антипод на Борисов. Слично е и во Македонија. Ако Христијан Мицкоски и Димитар Ковачевски си подадат рака и договорат заедничка власт, ќе загубат многу гласачи кои се мобилизираат и како резултат на меѓусебните конфронтации.
Кај нас, поранешниот премиер Зоран Заев ја промовираше идејата за поделба на власта меѓу СДСМ и ВМРО, но не доби поширока поддршка. Но, сведоци сме како во албанскиот блок во континуитет се применува овој германски модел, се разбира, во една модифицирана верзија. Во иста влада со ДУИ прво влезе Алтернатива на Африм Гаши, па Беса на Биљал Касами, а сега и Алијанса на Арбен Таравари.
Голем удар за албанската политичка елита во регионот беше одлуката на хашкиот суд да го обвини поранешниот косовски премиер и лидер на Демократската партија Хашим Тачи за воени злосторства, што му го отвори патот кон власта на актуелниот премиер Албин Курти.
Тогаш, дел од анализите одеа во насока дека се работи за сценаријо за егзекуција на Тачи, поради неговите преговори со Александар Вучиќ за решавање на косовското прашање според моделот на размена на територии, што добивало поддршка од тогашната американска администрација на Доналд Трамп, но било неприфатливо за Брисел и Берлин, бидејќи тоа ќе имало негативен домино-ефект во балканското буре-барут.
Во тоа време, одредени проценки одеа во насока дека и Али Ахмети може да ја доживее судбината на Тачи, меѓутоа се чини дека тоа веќе е невозможно, исто како и моделот на размена на територии. Сепак, дел од нашите соговорници велат дека Ахмети можеби се спасил од Хаг, но тоа не значи дека нема да биде пензиониран по политички пат.
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.