Ние сме во полоша состојба отколку што беше Македонија во рамките на Југославија, затоа што јас навистина сметам дека македонските комунисти, барем во последните 10 години, беа повеќе Македонци од оваа денешна влада, вели поранешниот премиер и лидер на ВМРО-НП, Љубчо Георгиевски во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Георгиевски во интервјуто појаснува и зошто според него неговата партија на последните предвремени парламентарни избори не освоила ниту еден мандат.
„Ние сме комплетно изолирани од сите провладини македонски медиуми и кога немате збор, кога немате што да кажете, очигледно и дека луѓето не можат да ве слушнат, тоа е едната причина. Втората причина, тоа се манипулациите околу самите избори, значи под манипулации подразбирам од непринципиелни притисоци, непринципиелни плаќања на луѓето, па до фалсификати на самите изборни места и кутии“, вели Георгиевски.
Тој истакнува и дека е добро што главната опозициска партија го бојкотира Парламентот, бидејќи според него, нешто морало да се смени, а крајната цел би била овозможување на фер и демократски избори без простор за фалсификат и манипулација.
Лидерот на ВМРО-НП зборува и за лошата економска состојба на Македонија, но и за хотелот кој треба да го гради и тоа во барок стил.
„Што се однесува до стилот на градба, повторно тоа е нешто што владата го форсира. Еве додека седиме овде, до нас ги замоливме мајсторите да не чукаат во овој момент затоа што надвор на фасадата ни ставаат барок. Јас го поставувам прашањето што треба сега да правиме. Да ја напуштиме зградата и да протестираме затоа што ни ставаат барок? Значи, ние имаме едно насилие коешто ни се наметнува во стилот во Скопје, но од друга страна фирмите треба да работат и да живеат. Во таа насока, јас навистина сметам дека ако 75 проценти од економијата во државата ја прави владата, вие тогаш вака или така сте врзани некако да си го наоѓате патот економски да ја одржувате фирмата, вели Георгиевски во интервјуто за Радио Слободна Европа.