ВМРО-Народна партија во некоја наредна фаза ќе прозбори за документите кои поранешниот прв разузнавач Зоран Верушевски, кој е првообвинет во аферата „Пуч“, му ги давал на Љубчо Георгиевски, а се однесувале против Бранко Црвенковски.
Вака од НП одговорија на написите во некои медиуми дека лидерот на СДСМ Зоран Заев набрзо ќе објави „бомба“, која ќе ги разоткрие врските на Георгиевски со првиот братучед на премиерот Никола Груевски – Сашо Мијалков.
„Исто така, сме спремни и со задоволство да ги прераскажеме содржините на голем број телефонски разговори помеѓу високи партиски функционери на СДСМ и новинари, кои Верушевски му ги пуштал на нашиот претседател Георгиевски да ги слуша изворно во неговиот стан во населба Аеродром“, соопштија „народњаците“.
Од партијата на Георгиевски го повикаа Заев да ги објави сите разговори меѓу него и претставниците на власта, почнувајќи од 2003 година па се денес, како и датумите за кој период тие се однесуваат.