Генералштабот на украинската армија: Беше преземена стратешка иницијатива во насока на Бахмут

by Fokus

Денеска е 490-от ден од војната во Украина. Борбите продолжуваат со несмален интензитет, а заменик-министерката за одбрана на Украина, Хана Малиар рече дека напредокот е бавен, но сигурен.

Бројот на загинатите во нападот на Краматорск се искачи на 12. Во исто време бунтот на паравоената група Вагнер продолжува да го окупира вниманието на јавноста, а се шпекулира дека тоа е причината за апсењето на генералот Сергеј Суровикин, заменик командант на заедничката група руски војници во Украина.

Украинскиот Генералштаб претходниот ден објави дека неговите сили „презеле стратешка иницијатива“ во правец на Бахмут и дека спроведуваат широка офанзива во таа област.
Украина започна офанзива во најмалку два други сектори и, наводно, остварила придобивки на 29 јуни, објави Институтот за проучување на војната во својот најнов извештај.

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп не ја исклучи можноста владата во Киев да мора да ѝ отстапи одредена територија на Русија за да ја запре војната. Тој додаде дека, ако тој беше претседател, сè ќе беше „предмет на преговори“, но дека Украинците, кои енергично се бореа за одбрана на својата земја, „заслужија многу пофалби“.

„Мислам дека тие имаат право да задржат многу од заработеното и мислам дека Русија би се согласила на тоа. Ви треба вистински посредник или преговарач, а ние го немаме тоа во моментов“, изјави Трамп за Ројтерс.

Според неговото мислење, рускиот претседател Владимир Путин е ослабен од бунтот Вагнер, но сепак е силен. Трамп смета дека доколку Путин не бил на власт, не се знае која е алтернативата и дека може да биде подобра, но и многу полоша.

На 29 јуни руската армија гранатираше три населени места во регионот Суми, објави регионалната воена администрација на Телеграм, како што пренесува Киев Индипендент. Во таа прилика се регистрирани најмалку 74 експлозии, се додава во соопштението.

Лидерите на Европската унија на самитот во Брисел најавија дека ќе преземат долгорочни обврски за зајакнување на безбедноста на Украина.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика лидерите на ЕУ да започнат со работа на нова рунда санкции против Русија, објави Ројтерс.

На самитот во Брисел, лидерите ја повторија својата осуда на Русија за нападот на Украина и рекоа дека членките на ЕУ се подготвени да придонесат за исполнување на обврските за да и помогнат на Украина да се одбрани долгорочно. Во текстот на заклучоците од самитот, лидерите наведуваат дека наскоро ќе ја разгледаат формата на преземените обврски.

Поврзани новости