Премиерот Зоран Заев денеска се сретна со генералниот секретар на ОБСЕ, Томас Гремингер. На средбата беше потврдена цврстата определба на Владата на Република Македонија за заштита на човековите права, функционирањето на правната држава и посветеноста на реформскиот процес и поддршката што Владата на Република Македонија ќе продолжи да ја добива од ОБСЕ во реализацијата на реформскиот процес.
По средбата премиерот Заев и генералниот секретар на ОБСЕ, Гремингер одржаа заедничка прес конференција на која што ги потврдија заложбите за понатамошно интензивирање на соработката помеѓу земјата и ОБСЕ во насока на продолжување на демократските процеси за кои се очекува да резултираат со полноправно членство на Македонија во ЕУ и НАТО.
„Ја потврдивме цврстата определба на новата Влада на Република Македонија за заштита на човековите права, функционирањето на правната држава и посветеноста на реформскиот процес. Работиме и ќе работиме согласно стандардите на Европската унија и на ОБСЕ во сите важни области за граѓаните и за државата, затоа што ја гледаме иднината на Република Македонија во ЕУ.“ изјави премиерот Заев.
Генералниот секретар на ОБСЕ, Томас Гремингер порача дека две причини се важни за денешната негова посета на Скопје на самиот почеток од неговиот нов мандат како генерален секретар на ОБСЕ, прво да и честита на Владата на Република Македонија, на граѓаните и премиерот Заев за надминување на политичката криза и за насочување на земјата на реформскиот процес и второ да ја потврди поддршката што ОБСЕ и ја дава на Македонија во спроведување на реформите важни за иднината на земјата, но и за мирот и стабилноста во Југоисточна Европа.
„Во моментот кога се реализираат реформите, сметаме дека важно е спроведувањето на долгорочни структурни реформи во области како што се владеењето на правото, медиумски права и слободи, полицијата и реформи во секторот за безбедноста, за кои сметаме дека се клучни“ – посочи генералниот секретар Гремингер.