Гаснењето на пожарот на Галичица е тешко поради големиот број експлозивни направи

by fokus

Почнувајќи од 3 септември, кризната состојба предизвикана од пожарите е завршена. Во моментов е активен пожарот на планината Галичица, а утрово е регистриран и еден пожар во Арачиново, со што не постои можност за продолжување на кризната состојба, информира директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов на денешната прес-конференција.

Пожарот на Галичица започна пред една недела од албанската страна. Ангелов вели дека постојат сомненија, оти е започнат од овчари за да се подобри квалитетот на пасиштето.

-Пред помалку од една недела, пожарот се приближи до нашата граница. На 30 август извршивме хеликоптерско извидување со претставници од Главниот штаб за управување со кризи во кое учествував и јас. Пожарот беше на самата гранична линија, а полека одредени јазици влегуваа и на нашата територија и се спушташе кон толот од страната на Охридско Езеро и од страна на Преспанското Езеро, истакна Ангелов.

Директорот на ЦУК информира дека горела само трева и ниски зимзелени грмушки. Во текот на ноќните часови, како што посочи тој доаѓало до загаснување на пожарот, а рано наутро со појава на утринската роса пожарот безмалку бил изгаснат. Но, со зголемување на температурите, повторно доаѓало до палење на пожарот.

– Овој пожар е карактеристичен по една непријатна и ризична работа а тоа е големиот број на експлозивни средства и направи, гранати, куршуми и разни други експлозивни средства што се наоѓаат и по самиот срт каде започна пожарот и истите се протегаат до подножјето во самата шума. Овој пожар е четврти пожар на истото ова подрачје во последните 10-15 години според оние расположливи информации до коишто дојдовме. При секој пожар од местото каде што гори се слушаат детонации, експлозии, истрели од куршуми. Палењето на тревата создава температура што ги активира овие минско експлозивни средства, коишто кога човек би згазнал на нив не би се активирале, бидејќи се стари повеќе од 100 години, вели Ангелов.

Поврзани новости