Гaрет во преписка со „Бетмен“: Сите партии ги прифатија резултатите од изборите

by Fokus

Амбасадорот на Велика Британија во Македонија, Чарлс Гaрет денеска на Твитер влезе во мала преписка со твитерџијата Богдан Илиевски (Бетмен велит), еден од предводниците на собирите наречени „За заедничка Македонија“.

„Бетмен велит“ преку твит го праша амбасадорот дали навистина изјавил дека случувањата во парламентот се противуслуга за демократијата во Македонија, на што Гарет одговори потврдно.

„Да. Како сегашните настани во Собранието помагаат да се дојде до демократско решение базирано на резултатите од декември?“, твитна Гарет, по што доби одговор од „Бетмен велит“ дека резултатите од изборите биле манипулирани со политичка измама и единствено решение биле нови избори, каде народот одлучува, а не елитите.

„Резултатите не се манипулирани. Сите партии ги прифатија како кредибилни и како темел за формирање влада“, повторно твитна Гарет.

Амбасадорот на Британија на трибина во организација на „МОСТ“, изјави дека сегашните случувања во Собранието на Македонија прават противуслуга за развојот на демократијата.

„Тие го поткопуваат кредибилитетот на институцијата, во Македонија и надвор. Демократијата не доаѓа брзо, ниту пак патувањето има крај, а демократиите треба постојано да бараат начини како да се зајакнат. Нашето партнерство со Македонија ќе продолжи. Целосно функционален, транспарентен и одговорен Парламент е срцевината на демократијата“, изјави Гарет.

 

Поврзани новости