Гаранцијата од половина милион евра, која поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски ја нудеше за да се брани од слобода, се состои од движен и недвижен имот кој е на негово име, односно на неговото семејство. Ова за „Фокус“ го потврди еден од неговите адвокати со кој контактиравме.
-Имотот што беше понуден како гаранција е имот кој е пријавен во анкентниот лист. Од таму можете да црпите информации, ни порача адвокатот.
Дека за Рашковски не гарантирале трети лица, туку лично тој со свој имот, ни одговорија и од Обвинителството, откако реагиравме дека неодамна јавно ги споделиле деталите за гаранциите на Сашо Мијалков и за Орце Камчев, но не и за Рашковски. Оттаму појаснуваат дека во случајот со Рашковски, не можат да објават детали, бидејќи гаранцијата се разгледувала на нејавна седница во Кривичниот суд.
Поточно, ова беше првичниот одговор кој го добивме.
-Вишото јавно обвинителство Скопје инфорира дека гаранцијата понудена од обвинетиот Д.Р. се состои од движен и недвижен имот. За повеќе детали обратете се во надлежниот суд, ни одговорија минатата недела од Обвинителството, а денеска ни посочија дека имотот бил само на име на Рашковски.
Од Кривичниот суд пак исто така ни посочија дека не можат да споделат повеќе детали со јавноста.
-Со оглед да судот согласно законските одреби по однос на гаранцијата одлучува на нејавна седница, не сме во можност да ви дадеме податоци за видот на имот и парични средства понудени како гаранција од лицето Драги Рашковски. Ве упатуваме за повеќе информации во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција и кај одбраната на лицето која го поднела предлогот за гаранција, ни одговорија од Кривичниот суд.
Од имотниот лист пак на Рашковски може да се види дека тој располага со стан во вредност од над 73.000 евра, земјоделско земјиште вредно 98.000 евра, неколку моторни возила во вкупна вредност од 31.000 евра, како и околу 43.000 евра пари на сметка во банка. Или вкупно, неговиот личен имот според анкентниот лист е проценет на 245.000 евра.
Но во анкетниот лист е наведен и имотот на неговото дете и сопруга. Поточно, како имот на неговиот син пак има земјоделски земјишта во вкупна вредност од 34.000 евра, депозит во банка од 34.0000 евра, како и возила на име на сопруга во вредност од 4.900 евра, со што се доаѓа до вкупна сума од околу 313.000 евра, а тука е и кредитот кој го земал Рашковски, како и еден заем, во висина од 120.000 евра.
Сепак оваа понудена гаранција, иако доби позитивно мислење од вишиот јавен обвинител Наум Пановски, Апелациониот суд не ја зеде во предвид, односно без да ја разгледува, му ја заменија мерката притвор на Рашковски со куќен притвор.
Доколку гаранцијата му беше прифатена, тогаш Рашковски ќе се бранеше од слобода.
Рашковски е осомничен бидејќи за него се води постапка под сомнение дека како генерален секретар купил софтвер за автоматско казнување на сообраќајни прекршоци иако Министерството за внатрешни работи тоа не го побарало и не го користи софтверот. Тој во истражниот затвор, односно во притвор, беше задржан неполни два месеци.
За милионските гаранции на Орце Камчев и Сашо Мијалков, пак, пишувавме во последниот број на неделникот „Фокус“.
Новиот број на „Фокус“ можете да го купите и во електронски формат на овој линк.
В.В.