(ГАЛЕРИЈА) Протестот за „Монструм“ под силно полициско обезбедување

by fokus

Предмалку заврши протестот за случајот „Монструм“ кој го организираа семејствата и поддржувачи на обвинетите за петкратното убиство што се случи кај Смиљковското Езеро на 12 април 2012 година.

Протестантите побараа обвинителката Фатиме Фетаи да биде разрешена, а додека протестираа постојано извикуваа навредливи зборови за неа.

Протестот почна во Чаир, продолжи по улицата „Цветан Димов“, а потоа групата се упати до плоштадот „Скендер Бег“, од каде преку Стоковната куќа „Мост“ требаше да се упати до Основното јавно обвинителство. Пристапот до зградата на обвинителството беше блокиран од силното полициско присуство, па крајната дестинација на демонстрантите беше соседната зграда на Министерството за надворешни работи пред мостот на реката Вардар во центарот на Скопје.

Ситуацијата на момент ескалираше при што беше скршено стаклото од влезната врата на Министерството за надворешни работи. Набргу реагираа и организаторите, па демонстрантите се повлекоа и протестот заврши.

За убиствата беа обвинети Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Африм Исмаиловиќ, Алил Демири, Хаки Азири и Сами Љута. Африм Исмаиловиќ и Алил Демири веднаш избегаа на Косово и досега не се екстрадирани. По првото судење, петмина од групата добија доживотна казна затвор, но Врховниот суд ја укина пресудата во 2017 година. Случајот го презеде СЈО и судењето почна од почеток, но и по повторената постапка обвинителката Фатиме Фетаи остана на позицијата дека обвинетите го сториле делото, со исклучок на Сами Љута, за кој побара ослободителна пресуда. Таа побара доживотен затвор за Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ за делото тероризам и долгогодишни казни затвор за Фејзи и Хаки Азири, кои се обвинети за помагање во петкратното убиство.

Фотографии: Томислав Георгиев

Поврзани новости