-Тато, а кој бил Никола Бадев? – ме прашува мојот дванаесет годишен син, додека ме гледа како со стравопочит и восхит во исто време, ја дотерувам гитарата на нашиот музички великан. Прашањето ме подзамисли, но и ме растажи во исто време. Како да им кажеме на младите генерации кој бил Бадев, како да ги најдеме соодветните зборови за да ја опишеме неговата големина, но и како дозволивме децата да не знаат кој бил човекот, кој сите на некој начин не задолжи со своето животно дело. -Никола Бадев, сине, тоа е човекот поради кого ги имаме сите оние народни песни што се пејат од душа, тоа е нашата традиција, нашето културно богатство, кое тој цел живот го собирал, за да ни го остави. Тоа е ,,Параходот”, тоа е ,,Билјана платно белеше”, тоа е ,,Стани моме да заиграш”. Се обидувам да му појаснам, додека со гордост работам на гитарата стара над 60 години – вака ја започна својата приказна Ивица Јорданов, музичар од Штип, познат кај пошироката јавност како гитаристот од рок бендот ,,Морал”.
Задачата да ја реставрира гитарата на легендарниот собирач и пејач на стари македонски песни, која треба да биде изложена во спомен-собата на Никола Бадев во музејот во Кавадарци, ја прифатил со огромна чест. Тој вели дека кога одговорните од музејот го контактирале и го запрашале дали ќе прифати да го реставрира инструментот на Бадев, бил на некој начин трогнат од укажаната доверба и без многу размислување прифатил.
-Ова е нешто навистина многу големо и значајно за мене. Да се држи во рацете гитарата на Бадев, да се врати душата на овој инструмент кој е сам по себе историја, мене ме направи многу горд. Токму јас сум човекот на кого му е дадена довербата и се посветив на работата со многу љубов и со голема одговорност. Работев околу два дена, гитарата беше без делови, не беше функционална. Успеав да ја вратам во живот, но се потрудив и да и ја зачувам автентичноста. На крајот, со мојот добар пријател, професорот по музичко, Зоран Настов, кога целата работа се заврши како што треба, ја зедов гитарата во раце, и ја отсвиривме и отпеавме ,,Параходот”. Во звуците на гитарата кои одекнуваа во мојата работилница, како да беше присутен духот на едно минато време, оти токму на оваа гитара Бадев ги свирел најголемите народни песни. Беа тоа величенствени моменти, а јас истовремено горд на сработеното, но и свесен дека оваа задача беше едно големо скалило нагоре, за мене како музичар – раскажува Јорданов.
Гитарата ќе се најде во спомен собата на Бадев, која наскоро ќе биде отворена во музејот во неговиот роден крај, Кавадарци. Таму ќе бидат изложени фотографии, плакати од концерти на музичкиот великан, благодарници, признанија, но и лични предмети, како бројаницата, вратоврската, грамофонот, часовникот…
Неговите ќерки Роска и Сузана активно биле вклучени во уредувањето на собата, која градот ја подготвува во знак на благодарност кон музичкиот великан, кој ни остави музичка ризница од околу 800 народни песни. Тој додава дека пред две години ја рестраврирал и првата гитара на Влатко Стефановски. И за тој период од животот раскажува како бил трогнат од честа, токму тој да биде избран помеѓу сите добри мајстори во земјава.
-Сличното чувство го имав и пред две години. Влатко, кој за мене е најголемиот кај нас, па и пошироко, ме избра мене, ми ја даде довербата. И на неговата гитара, и тоа токму на првата негова гитара, работев со истото внимание и стравопочит – вели музичарот.
Околу неговите професионални активности, поврзани со неговиот матичен бенд ,,Морал” раскажува дека сите членови минуваат низ доста тежок период, по смртта на нивниот вокалист Влатко Илиевски, и дека е потребно време за да можат повторно да застанат на сцената.
-Имавме договорено многу настапи, гостувања на разни манифестации, на фестивали и рок собири. Смртта на Влатко, сите, буквално не пресече. Останавме занемени. Ги откажавме гостувањата, се обидуваме да продолжиме напред, но свесни сме дека ни е потребно време. Засега нема ништо конкретно, но се надевам дека во иднина, ќе направиме концерт во негова чест. Тој не беше само дел од ,,Морал” туку успеа да си направи и соло кариера, да стане познато име на сцената. Не сме размислувале дали ќе ангажираме нов вокалист, се уште многу ни е осетлива и болна темата, но свесни сме дека животот продолжува и Влатко би сакал ,,Морал” да продолжи напред, да не згасне. Нема потреба од брзање, оставаме времето да ни ги омекне раните – изјави Јорданов.
Вики Клинчарова