Комисија од општината Варна денеска оди во областа Аспарухов за да се утврди бројот на настраданите домаќинства во поплавите во Бугарија на кои им треба финансиска помош. Отворени се четири пунктови за раздавање бесплатна храна и вода во оваа област, бидејќи од здравствената инспекција предупредуваат дека водата не е погодна за пиење. Засега нема податоци за појава на епидемии.
Десет компании работат на расчистувањето на областа Аспарухов, а во градското собрание се пријавиле 200 волонтери кои сакаат да помогнат.
Бројот на жртвите од поплавите во Бугарија достигна 12, но можно е да расте, зошто има луѓе кои се водат како исчезнати. Најпогодени од поплавите се жителите на бугарскиот пристанишен град на Црното Море, Варна.
Засега се евакуирани 1.200 туристи од туристичкото место Албена поради надојдената вода од реката Батовска која целосно поплавила еден од хотелите.
Од поплавите официјално се потврдени 11 жртви во Варна и едно лице во Добрич. Станува збор за 50-годишен маж кој бил неподвижен и водата ја поплавила неговата куќа, заедно со него… Има непотврдени информации за уште две жртви во Добрич.
Парламентот во Софија во понеделник прогласи еднодневна национална жалост и со минута молчење ќе оддаде почит на жртвите.
Ова е најголемата трагедија во Бугарија што се случила во последниве децении.