Димитар Ѓорѓиев, познат како Златното момче поради освоените златни титули ширум светот и Европа во кик бокс, вчера го отвори Кик бокс клубот ,,Работнички – Адора” во Скопје. Се работи за кик бокс клуб кој е помеѓу најдобро опремените на Балканот, а по повод настанот, трикратниот светски шампион и носител на шампионската титула на Европското првенство за сениори кое минатиот месец се одржа во Братислава, Словачка, вели дека по шест годишна соработка со бизнисменот Ванчо Чифлиганец и неговата компанија ,,Адора”, со нивна поддршка, му се остварил сонот.
-Се уште сум под импресии од минатата ноќ и од отворањето на клубот. Голем број на мои пријатели и поддржувачи дојдоа да ми посакаат успех и да ми дадат поддршка. Присутни беа семејството Чифлиганец, градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, претставници на компании кои ја поддржуваат мојата кариера и клубот… Имав и гостин од Босна, со кого сосема случајно се запознавме за време на еден турнир, на полноќ среде шума, поради проблеми со автомобилот. Тој без да знае кои сме, ни понуди помош околу сместување и поправка на колата, па неговото доаѓање на отворањето доста пријатно ме изненади – раскажува Златното момче од Неготино.
Водител на настанот бил Игор Џамбазов, и Ѓорѓиев вели дека се радува поради веселата атмосфера во текот на вечерта. Додава дека е преблагодарен на бизнисменот Чифлиганец и компанијата ,,Адора” за соработката и поддршката, и се надевал како клубот ќе стане место во кое ќе се создаваат шампиони.
-Создавањето на шампиони е дефинитивно главната цел на клубот, и желба ми е да се формира квалитетен тим за настапи на меѓународни турнири. Нормално, треба да се има и простор за соработка и со другите клубови. Синоќа имавме колеги од Бугарија кои едвај чекаат клубот да започне со работа, за да може да правиме заеднички тренинзи. Господинот Чифлиганец ни даде катче во кое ќе се создаваат шампиони, и верувам дека ќе ја оправдаме неговата доверба – изјави Димитар.
Клубот се наоѓа во ново опремените простории во зградата на компанијата ,,Адора”, во Скопје. Ѓорѓиев вели дека е отворен за прием на нови членови од сите возрасти.
Вики Клинчарова