(ГАЛЕРИЈА) Будимпешта – град кој изобилува со можности: Груевски за најлудата ноќ во Алкатраз?!

by fokus

Доколку се одлучи да ја помине Новогодишната ноќ во Будимпешта, бегалецот Никола Груевски ќе има доста можности да ја дочека Новата 2019 година во забавна и уникатна атмосфера. Магичниот град на убавиот син Дунав од секогаш бил примамлива дестинација за странците, посебно за време на празниците. Унгарската оперска куќа, базиликата Свети Стефан, термалните бањи, авенијата Андраси, најголемата синагога во Европа, вториот најголем Барок замок во светот се само дел од раскошната историја на градот каде посетителите можат да го поминат времето уживајќи во несекојдневните глетки.

Но, освен историските знаменитости, во Будимпешта се нуди и забава за сечиј вкус во многубројните клубови, дискотеки, барови и кафеани. Унгарците се познати како народ кој многу добро умее да се забавува, со добри кулинарски специјалитети и пијалоци, а за Новогодишната ноќ, позната во Унгарија како Силвестер, подготовките им започнуваат со недели пред 31-ви декември. Покрај организираниот дочек на плоштад, кој традиционално завршува со спектакуларен огномет, речиси во секој клуб има празнична програма, со цел да им угоди на сите вкусови.

Како еден од најинтересните клубови, кој често се наоѓа на списокот со места кои задолжително треба да се посетат во Будимпешта е популарниот Алкатраз клуб. Името го добил по озлогласениот затвор кој се наоѓа во заливот на Сан Франциско. Доста легенди се поврзани со Алкатраз каде се чувале затворениците кои предизвикувале проблеми во другите федерални затвори, како Ал Капоне, Џорџ Кели, Алвис Карпис и други. И покрај тоа што Алкатраз од 1972 година прераснал во рекреативен центар, а подоцна станал и Национална историска знаменитост, сепак и по сите изминати години се уште е интересен за јавноста. Токму поради тоа, клубот во Будимпешта дури е и уреден како затвор, за посетителите да ја почувствуваат автентичноста, со решетки на прозорците, приватни ,,затворски” соби за гостите, електрични столици, бодликава жица, посебно мени и пијалоци и интересна музика. Дури и тоалетите се уредени во автентичен затворски стил.

За Новогодишната ноќ од Алкатраз најавуваат голем спектакл, со азиска ВИП забава, популарно наречена Омона к – поп забава, според хит песна на популарен корејски бенд од 2007 – та година. Според програмата, за гостите ќе има богато мени, два подиуми за танц, посебни затворски соби, караоке и многу изненадувања. Па, доколку Груевски се заситил од барокот во Будимпешта, и се уште нема конкретни планови каде би ја минал најлудата ноќ во годината, како за промена би можел да искуси едно поразлично Новогодишно доживување во клубот – атракција на градот.

Според политиката на клубот, сите гости се добредојдени, без оглед на тоа од каде доаѓаат, а доколку им се допадне амбиентот, можат како поддршка на клубот да ги споделат впечатоците на социјалната мрежа Фејсбук. Со оглед на тоа што поранешниот лидер комуницира со јавноста само преку Фејбук, веруваме дека тоа нема да му претставува проблем.

Вики Клинчарова

Поврзани новости