„Во Македонија, подобро е да си музичар на свадби, отколку оперски пејач, барем кога е заработката во прашање. Колку и да му звучи некому клише, или пак нереално, тоа е вистината“ – вели Васко Мелов, дипломиран музичар, кларинетист и фронтмен на „Галакси бенд“ група без која што повеќе од три години не поминува ниту една свадба во Тиквешијата.
Тој завршил средно музичко училиште во Битола, а потоа од родното Кавадарци заминал на факултет во Скопје. Многу ја сакал музиката, ги слушал сите модерни жанрови, и сакал успешна кариера. Кога веќе започнал со настапи, увидел дека токму од настапите на свадби, најмногу се заработува. Затоа го оформил бендот, во кој што членува и неговиот брат Горан, и нивната популарност започнала се повеќе да расте. Годишно настапувале на повеќе од сто свадби, ги барале и на разни приватни свечености и забави.
„Откако постои „Галакси бенд“ во изминативе години сме свиреле на околу 1.000 свадби. Првин само во Тиквешијата, но сега веќе и во други градови слушнаа за нас и се повеќе не бараат. Се прилагодуваме според вкусот на организаторите на забавите, некои сакаат модерни свадби со повеќе поп музика, некои сакаат стари традиционални песни, некои бараат џез и рок. Имаме посебни репертоари за сите барања и одлично ни оди. Со нас често настапуваат и познати пејачи, како од поп, така и од фолк сцената. Наташа Малинкова, Елена Велевска, Миле Кузмановски… Сме правеле заеднички настапи со многу од нив“ – раскажува Васко.
Тој додава дека и покрај честите настапи, сепак наоѓаат време и за снимање на нови материјали. Имале одлична соработка со австралиската ИН ТВ, а веќе започнале да пристигаат и понудите за гостувања во Австралија, кај нашата дијаспора.
„Снимивме десет песни, од кои три авторски, а останатите се обработки на изворни македонски нумери. Во ова време, кога се помалку музичари се решаваат на снимање на новитети, ние снимаме и спотови. Пријателите и колегите велат дека браќата Мелови работат со полна пареа, и горди сме на тоа. Пофалбите, но и честите работни ангажмани не мотивираат уште повеќе. Затоа во наредниов период се подготвуваме за нов проект во живо, во кој што ќе бидат вклучени повеке пејачи од земјава“ – изјави Мелов. Неговиот бенд беше прогласен од слушателите на Радио Кавадарци за „Група на годината“ за 2016 година.
Вики Клинчарова