Моделот и ТВ водителка Деспина Царева и нејзиниот свршеник, фудбалскиот репрезентативец и голман во ФК Вардар, Филип Гачевски се селат од Македонија. Наскоро тие ќе го продолжат заедничкиот живот во Верона, Италија, каде што Гачевски ќе ја продолжи фудбалската кариера, а понудата од Италија била вредна 100.000 евра.
Деспина вели дека уште на почетокот на нивната врска била подготвена за сите предизвици, во кои што спаѓаат и чести преселби, и се радувала на новиот живот во Италија.
„Да се официјализираат договорите, да се средат сите потребни формалности, и заминуваме во Верона. Јас секогаш стојам покрај Филип и воопшто не ми е важно на кој крај на светот ќе заминеме, најважно и на двјцата ни е да сме заедно. Се надевам дека и од Верона ќе ја испланираме добро нашата свадба, која што треба да се случи во месец јуни. Сакаме да направиме две свадбени забави, една во Скопје и една во Словенија. Се уште немам одбрано венчаница, но сигурно ќе биде или крајно едноставна, или крајно гламурозна, првин да се преселиме, па потоа ќе се посветиме и на свадбените детали“ – вели Деспина, која што заедно со Филип во јавноста често беа нарекувани македонски Бекамови, поради својот атрактивен изглед, но и начин на живот, излегување на елитни места, заеднички провокативни фотосесии и романтични гестови пред јавноста.
Деспина и Филип се запознале во нејзиниот роден Штип, каде што таа работеше како водителка во ТВ Ирис, преку нивни заеднички пријател, спортски новинар, и им се случила љубов на прв поглед. Тој по потекло е од Словенија, но има македонски корени, бидејќи татко му родум е од Битола. Пред да заигра за Вардар, беше дел од клубот Брегалница. Минатата година, со свеќи и цвеќе ја запроси Деспина во романтично уреден апартман во хотел во Скопје, на денот на нејзиниот роденден.
„Во светот честа е практиката фудбалери да се вљубуваат и женат со модели. Но јас ќе го засакав Филип, без оглед на тоа дали бил фудбалер или не. Ја има мојата целосна поддржка во кариерата, најгласна навивачка сум на сите негови натпревари, така ќе биде и во Италија“- изјави Деспина.
Вики Клинчарова