Габриела и Тоше Зафирови брилираа во Италија: Љубовта кон Македонија се покажува со дела, а не со празни зборови!

by Фокус

Вицешампионот во бодибилдинг Тоше Зафиров и неговата сопруга Габриела, која исто така професионално се занимава со бодибилдинг, вчера имаа брилијантно претставување на светски познатиот натпревар ,,Mister and Miss Universe” во Италија. Во сериозна конкуренција од целиот свет, тие успеале да влезат во финале. Тоше го освоил шестото, а пак Габриела петтото место.

-Горди сме на себе, горди на нашите деца кои ни се голема поддршка на секој чекор од патот кон успехот. Ова беше еден од најтешките натпревари, со многу јака конкуренција, и се уште ги средуваме впечатоците. Се претставивме во одлично светло пред светската јавност, и сиот труд и време поминато во тренинизи се исплати. Подолг период комплетно бевме посветени на тешките подготовки, ова е спорт кој што бара многу откажувања и жртви. Благодарни сме на целата јавност која не бодреше, на сите кои одвоија време да ни честитаат и да ја споделат со нас големата радост – раскажува шампионот, кој се уште е во Италија со сопругата.

Тој вели дека љубовта кон својата земја треба да се искажува со дела, а не со празни зборови. Токму тоа тој го правел на секој свој настап, и додава дека секоја освоена титула е негов начин да ја покаже својата љубов кон татковината.

-Спортот за нас е нешто свето, нешто кое што ги поврзува нациите. Ова е мој начин да ја покажам љубовта кон Македонија, во областа во која што го вложив целиот мој живот и секојдневно уште повеќе се надградувам. Со песна, со спорт, со уметност, со она во кое сме најдобри треба да се претставиме пред светотот. Емоциите по постигнатиот успех се силни, и со Габриела сме пресреќни што сме наши амбасадори – ни изјави Зафиров.

Во својата децениска кариера тој и донесе голем број на титули на Македонија. Неговата сопруга, која во минатото беше негова најголема поддршка, и задолжена за подготовките пред натпреварите и приготвувањето на специфичната храна, пред околу пет години исто така се посвети на вежбањето. И таа зад себе има голем број на титули, награди и признанија. Брачниот и бодибилдинг пар често знае да каже дека кога нешто се сака, нема место за изговори, туку со упорност и напорна работа се стига до секоја зацртана цел.

Вики Клинчарова

Поврзани новости