Политичари за кои постои сомневање дека се сторители на кривични дела во никој случај не можат да обавуваат какви и да е јавни функции, а особено не да се членови на влада. Тие треба да бидат изведени на суд. Ова е само дел од интервјуто објавено во „Фактор“ на професорот по кривично право Ѓорѓе Марјановиќ.
Според него, потписниците на договорот се тие кои треба да гарантираат за обврските преземени во самиот договор.
– Нормално би било тој што ја презема обврската, да го гарантира и нејзиното извршување. Од друга страна, самото потпишување на овој договор не би требало да претставува само гола форма, за него мора да одговараат тие што го ставија својот потпис. Утре никој не ќе смее да каже дека тие потписи се лепени, крпени и местени. Потписите мора или треба да бидат гарант за почитување на преземените обврски – вели пензионираниот професор од Правниот факултет во Скопје.
Тој вели дека овој договор е промоција на повеќепартиската владина коалиција, на чие чело би требало да застане некој од основачите на ВМРО-ДПМНЕ.
– Овој договор ја промовира повеќепартиската владина коалиција. На чело на повеќе партиската влада може да застане било кој од првобитните членовите на ВМРО. Кекеновски, на пример… – вели Марјановиќ.