Функционерите на ДУИ обвинети за изборни измами се изјаснија за невини

by fokus

Судењето за случајот „Титаник 3“ на СЈО ќе продолжи на 19 јуни. Во овој предмет на обвинителната клупа се Ејуп Аљими и Исмет Гури, затоа што како членови на Општинската изборна комисија во Чаир „уништувале изборен материјал“

Обвинетите на денешното рочиште кажаа дека го разбираат обвинението што го презентира обвнителката Фатиме Фетаи, но оти не се чувствуваат виновни.

Според СЈО, двајцата обвинети со своите дејствија влијаеле директно врз изборниот резултат.

– Тие имале криминален нагон да ја фалсификуваат изборната волја на граѓаните на Чаир со цел да остварат политичка моќ, истакна обвинителката Фетаи.

Двајцата, според неа, извршиле брутално насилство врз изборните бројки, согласно сопствените политички потреби.

Адвокатите на Аљими и Гури пред судот кажаа дека со повеќе докази во текот на постапката ќе докажат дека нивните клиенти не се невин, како и дека во спорниот момент на обвинението немале никаква функција со што би влијаеле да се стори кривичното дело за кое ги обвинува СЈО.

Претходно денеска дојде до промени во судечкиот совет, па на местото на судијата Гордана Спировска, која заради здравствени проблеми на сопругот пред неколку дена итно го напушти судењето, сега е кооптирана судијката Љубинка Башевска. Предметот „Титаник 3“ и натаму ќе го води судијката Оља Ристова.

Поврзани новости