Бројот на илегални пристигнувања на мигранти во Италија преку Медитеранот од Северна Африка се зголеми на речиси 114.300 во периодот од јануари до август, што е речиси двојно повеќе од истиот период лани, покажуваат денеска податоците на европската гранична агенција Фронтекс.
Илјадници мигранти кои го минуваат централниот Медитеран заминуваат од Тунис и Либија кон Европа и пристигнуваат во Италија.
Оваа многу опасна мигрантска рута во моментов претставува половина од нередовните пристигнувања во ЕУ оваа година, изјавија од агенцијата на ЕУ.
Мигрантите кои пристигнуваат преку централниот Медитеран се главно од Брегот на Слоновата Коска, Египет и Гвинеја.
-Зголемениот притисок на мигрантите на оваа рута би можел да продолжи и во наредните месеци, шверцерите ги намалуваат цените за мигрантите кои заминуваат од Либија и Тунис во контекст на жестоката конкуренција меѓу криминалните групи, се вели во соопштението на Фронтекс.
Според податоците на Меѓународната организација за миграција (ИОМ) од почетокот на годината, повеќе од 2.000 луѓе ги загубиле животите или се водат како исчезнати обидувајќи се да го поминат преминот.
Италијанската влада денеска соопшти дека од почетокот на годината на италијанските брегови пристигнале околу 126.000 мигранти, наспроти 66.000 во истиот период минатата година.
Во јули, во присуство на италијанската премиерка Џорџа Мелони , ЕУ потпиша партнерство со Тунис за намалување на бројот на пристигнувања на мигранти од таа земја, а предвидена е помош од неколку стотици милиони евра.
Договорот наиде на осуда за авторитарната природа на туниските власти и за злоупотребата на мигрантите од субсахарска Африка во таа земја. Критиките денеска се удвоија по одбивањето на туниските власти да дозволат влез на европски претставници во земјата.
Италијанскиот остров Лампедуза, кој се наоѓа на помалку од 150 километри од италијанскиот брег, во последните денови има голем прилив на мигранти. Островот пречека повеќе од седумлуѓе, што е еднакво на вкупниот број локални жители.
Фото: ЕПА