Од ФРОДЕМ денеска реагираат дека начинот на кој што беше донесен Законот за употреба на јазиците покажува дека од минатото ништо не сме научиле, односно сме го научиле само она што е лошо и недемократско.
-Наместо да го остават зад нив недоличното и силеџиско парламентарно однесување од минатото, сегашните парламентарци од партиите на власт, во целост, па дури и повулгарно го копираат однесувањето на своите претходници. Исто како и во минатото и сега сме сведоци на дрско кршење на Уставот, на Законот за Собранието и на Деловникот за работа на Собранието. Ние, не се боревме и не сакавме наместо Трајко Вељаноски, на негово место да гледаме некој нов, полош, и ни малку демократски настроен Трајко. Сакавме и сакаме за претседател на највисокиот законодавен дом, пратеник кој нема да им слугува на наредбите на партиските лидери, туку достоинствено ќе го претставува Собранието на Република Македонија како највисок претставнички дом на граѓаните на Македонија. Не ни е потребен уште еден партиски војник, туку непристрасен и објективен претседател на законодавниот дом, човек кој доследно ќе ја почитува собраниската процедура, а нема да биде егзекутор на владата и на нејзиното партиско мнозинство, порачаа од ФРОДЕМ.