ФРОДЕМ бара оставка од Никола Тодоров

by Фокус

Фронт за демократска Македонија (ФРОДЕМ) бара оставка од министерот за здравство Никола Тодоров, после големиот број смртни случаи во болниците.

„Запрепастени сме од рамнодушноста на министерот за здравство по однос на последните трагични случувања во нашите медицински установи. Министерот кој речиси секој ден е во медиумите да соопшти дека во некоја од медицинските установи се офарбале вратите, се набавиле „нови“ апарати за анестезија, компјутери, еден куп непотребни биохемиски анализатори, соочен со колапсот во здравството, одлучи да се сокрие и да молчи. Таква е праксата на власта, секојпат кога системот колабира. Чекаат моментниот бес и мака да спласнат, за подоцна да си продолжат по старо, и за жал, повторно со загуба на човечки животи.
Загрижени од последните случувања во здравството во нашата татковина, јавно го повикуваме Министерот за здравство да даде изјава по однос на истите, да даде отчет за целокупната катастрофална состојба на здравствениот систем и најважно од сè, да си поднесе неотповиклива оставка“, порачува ФРОДЕМ.

Движењето вели дека за жал проблемите во здравството се наталожени од осамостојувањето досега, оти сите влади одбегнувале да се зафатат со тој крупен залак.

„Од почетокот на осамостојувањето на нашава држава, јасно беше дека во нашиот здравствен систем се неопходни реформи, за истиот  да даде соодветни и квалитетни услуги на граѓаните во согласност со светските стандарди и тенденции, да се достигне нивото на едуцираност на докторскиот кадар,  а при тоа да не се изгуби социјалниот и солидарниот карактер. Под разни изговори, знаејќи дека тоа е макотрпен и непопуларен процес кој не носи поени кај гласачите, сите досегашни влади ги избегнуваа овие реформи“, вели движењето.

Oд ФРОДЕМ велат дека актуелната влада е ненадмината во тоа, пред се поради фактот дека на овој клучен ресор поставил човек кој не е од фелата.

„Но актуелната влада направи апсолутен преседан, поставувајќи за прв пат министер за здравство кој не е од здравствената фела, човек задолжен да глуми спроведување на „реформи“ во нашиот здравствен сектор.

Никола Тодоров, како комплетен лаик во здравството, игнорирајќи ги тогашните и сегашни укажувања на дел од врвниот високоспецијализиран медицински кадар, служејќи се со закани, омаловажувања и отказни решенија, ги форсираше популистичките и нефункционални реформи, од донации на апаратури, од кои половината не се во функција,  уништување на нашиот единствен Клинички цантар (познат и признат во бивша СФРЈ), уништување на Медицинските центри во државата,  до одлевање на кадар од јавниот во приватниот сектор и дисперзирање на студиите без создавање соодветен наставен кадар. Таквата неодговорност за краток период доведе до комплетен колапс на нашето јавно здравство, кое се сруши како кула од карти, изнесувајќи ги на виделина последиците од нефункционалните реформи, кои зваршуваат со трагични смртни случаи“, се вели во соопштението.

Поврзани новости