Фрлање во контејнер, закопување во нива, зад зграда: каде се закопуваат угинатите кучиња и мачиња?

by fokus

Фрлање во контејнер, закопување во нива, зад зграда или во дворот на куќата, по планини. Каде завршуваат труповите на умрените миленичиња во земјава, додека во цивилизираниот свет за тоа постојат посебни гробишта?

Сите се согласни дека миленичето (кое за вистинските љубители на животните е дел од семејството) откако ќе почине, треба достоинствено да се испрати и на соодветно место.

Но, засега, сепак, ваквиот „проект“ останува само гласно размислување и укажување иако, според надлежните, постои интерес за „отворање“ гробишта за миленици.

– Во Агенцијата за храна и ветеринарство досега неколку пати доаѓаа луѓе кои сакаа да „отворат“ гробишта за миленици. Но, им беше посочено дека се работи за комунален „проблем“. Им објаснивме дека ние во тој дел не сме надлежни, дека општината треба да им даде парцела. Не е наше ниту да кажеме каде би била локацијата, по ДУП парцелата треба да биде исцртана и одобрена, вели за МИА директорот на АХВ Зоран Атанасов.

Од Град Скопје кусо објаснуваат дека во однос на ова прашање има правен вакуум.

– За жал, прашањето за гробишта на миленици не е регулирано во Законот за гробишта и тој правен вакум локалните самоуправи не можат да го пополнат со подзаконски акти и да обезбедат услови и за ваков вид третман на домашните миленици. Се додека не се регулира овој сегмент, не можеме да коментираме за натамошни чекори, истакнуваат од Градот.

Ветеринарната комора силно ја поддржува иницијативата за отворање гробишта за миленици. Потсетува и на можноста за кремирање на труповите што во западните земји е одамна воспоставена практика.

 – Решавајќи го овој проблем на соодветен начин, цивилизациски се приближуваме барем во тој сегмент до општествата кон кои тежнееме да се интегрираме. До овој момент сопствениците на миленици се ставени во ситуација да се снаоѓаат како знаат и умеат и милениците најчесто ги закопуваат некаде во природа, надвор од населените места, нагласува претседателот на Ветеринарната комора, Томислав Николовски.

Според него, отворањето гробишта за миленици ќе значи решавање не само на проблемот што е еколошки, туку и на емоционалниот проблем со кој се соочуваат сопствениците по смртта на своето, куче, маче, кое го доживуваат како член на фамилијата, што и всушност е.

-Секако, процесот на отворање гробишта за миленици ќе треба да ги помине сите потребни процедури и да ги задоволи сите еколошки и здравствено-безбедносни стандарди преку соодветните институции. Повеќе од јасно е дека гробиштата ќе овозможат сопствениците на најдостоинствен начин да се разделат од својот миленик, дополнува Николовски.

Од Здружението за заштита на животни „Анима мунди“ се со јасен став – дека апсолутно треба да има гробишта за миленици или градот да воспостави посебна служба/јавно претпријатие специјализирано за оваа намена.

Поврзани новости