Во денеска објавениот годишен извештај на Фридом хаус, „Нации во транзиција“, за Македонија е забележан пад во шест од седумте категории што се земаат предвид. Земјава назадува во категориите национално демократско владеење, изборен процес, независност на медиумите, локално демократско владеење, владеење на правото и независност на судството, борба со корупцијата. Напредок има само во категоријата граѓанско општество.
Секако, ова придонело во извештајот на Фридом хаус сумарната оценка за демократскиот развој на Македонија да биде полоша од лани (сега е 4.29, а лани беше 4.07 – оценките се од 1 до 7, при што 1 претставува највисоко ниво на демократски развој, а 7 најниско).
Во извештајот на Фридом хаус се оценува дека и покрај обвинувањата за местење на изборите, корупција и измами што предизвикаа најголеми протести во Македонија во изминативе неколку години, поранешниот премиер Никола Груевски го развлекува спроведувањето на договорот за реформи, постигнат со посредство на Европската унија и се чини дека, како што се наведува, најверојатно ќе се врати на власт преку предвремени избори закажани за јуни.
Во регионот полоша генерална оценка во извештајот имаат само Босна и Херцеговина (4.50) и Косово (5.07). Подобри од Македонија се Албанија (4.14), Црна Гора (3.93), Србија (3.75), Хрватска (3.68), Бугарија (3.25). Во извештајот на Фридом хаус власта во Македонија е оценета како транзициска или како хибриден режим, за разлика од Србија во која се вели дека има полу-консолидирана демократија.