Откако веќе неколку недели во јавноста е актуелна темата за инсулинската криза во земјава, постојано фрчат соопштенија од сите страни. Дека нема инсулинска криза во земјава, денеска тврди и директорката на скопската Клиника за ендокринологија, Славица Шубеска – Стратрова. Таа во испратениот маил до медиумите, инсистираше соопштението да биде пуштено во целост, без никаква промена на текстот.
Шубеска тврди дека пациентите со дијабетес имаат најквалитетни инсулини, кои се потврдени со голем број стручни и научни студии.
– Процентот на пациенти (80%) кои се лекуваат со инсулински аналози (кои се многу поскапи) е многу повисок во Македонија во споредба со други побогати земји. Инсулинските аналози кои се употребуваат кај нас се со еднаков квалитет, при што недостиг на еден инсулински аналог се заменува со друг инсулински аналог, но не и со хуман инсулин, што значи дека не се променува видот на инсулинот и не постои никаков медицински ризик за пациентите. Во инсулинските аптеки секогаш има доволни количини на инсулински аналози со еднаков висок квалитет, со што се потврдува фактот дека нема инсулинска криза. Недостиг на еден инсулински аналог не претставува инсулинска криза. Недостиг на лек од било кој производител при постоење на истиот лек од друг производител не укажува на криза – се наведува во соопштението испратено од директорката на Клиниката.
Според неа, во Центарот за дијабет, пациентите добиваат потврда со која го добиваат препишаниот инсулин од инсулинската аптека.
– Ниеден пациент не се вратил на Клиниката за ендокринологија да се пожали дека не го добил препишаниот инсулин од инсулинската аптека. Тоа уште еднаш потврдува дека нема инсулинска криза. Исто така, бројот на хоспитализирани пациенти на Клиниката не е зголемен, што зборува дека нема зголемување на бројот на пациенти на кои им е потребна корекција на гликемиската регулацијата на дијабетот. Хоспиталниот дел на Клиниката има доволно количини на сите потребни инсулини. Клиниката апелираше за дополнителна едукација за апликација на инсулинот, особено на пациентите на кои им е променет инсулинот, затоа што секој инсулин се аплицира со посебно инсулинско пенкало и со добрата едукација ќе се избегне настанување на техничка грешка при апликација на било кој инсулин – се наведува понатаму во соопштението.
Таа додава дека Клиниката за ендокринологија во повеќе наврати вршела едукација на медицинските кадри во сите дијабетолошки центри во Македонија, кои препишуваат инсулин.
– Исто така, дијабетолошките центри покрај гликемиската контрола вршат едукација, индивидуална или групна на сите пациенти со дијабетес за правилна апликација на инсулинската терапија со сите видови на инсулински пенкала како и едукација за правилна исхрана, физичка активност, односно правилен животен стил. Докторот кој го препишува инсулинот го едуцира пациентот за апликација на инсулиот и за можните компликации од нестручното ракување со инсулинското пенкало. Пациентите на кои им е потребна дополнителна едукација, докторот ги упатува во Одделението за едукација. Клиниката за ендокринологија повеќе од 16 години има Одделение за едукација на пациентите со дијабетес каде што се држат предавања за запознавање на пациентите со дијабетесот и негово третирање – тврди Шубеска.
Според неа, пациентите кои имаат потреба од доедукација за апликацијата на инсулинската терапија можат да се пријават на клиниката на тел. 3147264 за да се вклучат во групна едукација. Клиниката за ендокринологија ги прима сите пациенти со приоритетен или ургентен упат истиот ден за консултација од било каков карактер.
Слична реакција стигна и од Научно-стручното здружение на ендокринолози и дијабетолози. Тие апелираат да прекинат секојдневните настани на кои немедицински лица или медицински лица, кои не се лиценцирани за работа со пациенти со дијабетес, даваат неквалификувани и опасни изјави во јавноста за наводно загрозување на животот и здравјето на лицата со дијабетес, со цел да предизвикаат паника и страв кај овие пациенти.
– Не постои никаква опасност по здравјето на пациентите доколку од еден вид инсулин се префрлат на друг соодветен инсулин под надзор на квалификуван специјалист од областа на дијабетесот. Најважно за пациентите е да имаат добра гликемиска контрола, како и да се придржуваат до советите на нивните лекари во однос на исхраната, физичката активност, избегнувањето на стресот, честото мерење гликемија, како и соодветниот третман на напоредните заболувања – се наведува во соопштението од Здружението.