Францускиот нон-пејпер на анализа во Владата

by fokus

Обновениот пристап во процесот на проширување на Европската унија што го бара Франција, во кој владеењето на правото и темелните права остануваат во прв план, а клучно е воведувањето на реверзибилноста на преговарачкиот процес, за Владата е вреден за поздравување, бидејќи, како што велат оттаму, добредојдена е секоја идеја која ќе придонесе за побрз почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ и која ќе ги направи преговорите поефикасни, посуштински и покредибилни.

Франција го испрати нон-пејперот до земјите-членки, а од Европската комисија бара новата методологија да ја објави до јануари 2020 година. Документот го доби и Владата, а сега следува негово детално анализирање, со цел нашите институции да го дадат својот придонес во процесот на реформирање на преговарачката методологија.

Постепено придружување, построги услови, поконкретна корист и реверзибилност се четирите услови на кои би се засновал обновениот пристап во преговарачкиот процес, според францускиот предлог. Париз бара целокупниот процес на придружување да биде „постепен и поттикнувачки“.

Како „пребавни“ ги оценува Франција во документот длабоките политички, економски и социјални трансформации потребни за идно пристапување во ЕУ. Смета и дека не се доволни конкретните придобивки за граѓаните во земјите-кандидатки.

Ја реафирмира и „недвосмислената поддршка“ на европската перспектива на земјите од Западен Балкан.

– Поблиски врски со Европската унија се единствениот начин овие земји да се консолидираат, врз основа на владеењето на правото и отворени и плуралистички општества, кои се занимаваат со својот економски и социјален развој, се наведува во францускиот документ.

Откако ќе се отворат преговорите, процесот на интеграција повеќе нема да се заснова на отворање голем број тематски поглавја, туку на неколку последователни фази, кои ќе формираат кохерентни блокови на политики и шема воспоставена од ЕУ, земајќи ги предвид специфичните карактеристики на секој кандидат, каде што е соодветно, предлага Франција.

Владеењето на правото и темелните права би останале интегрално барање од моментот на отворање преговори и би останале такви во сите области за време на процесот, а клучниот предлог на Франција е во усвојување на принципот на реверзибилност, бидејќи се смета дека тоа ќе го осигура кредибилитетот и поттикнувачката природа на процесот.

Нон-пејперот доаѓа еден месец по недоделувањето датум за старт на преговорите за Северна Македонија и Албанија на октомврискиот Самит на ЕУ во Брисел. Документот е во фаза на разгледување и за него треба да се изјаснат сите земји-членки.

Поврзани новости