Фото-репортажа од Стенче: Тивкото село на Сува Гора

by Fokus

На регионалниот пат помеѓу Тетово и Гостивар, од левата страна на Сува Гора, се крие убавото село Стенче, кое се наоѓа во областа Долни Полог. Настрана од градската и бучна средина, на околу 600 метри надморска височина, ова село во мир ги испраќа последните денови од оваа 2020 година.

Во селото тешко дека ќе сретнете млади луѓе, кои одамна заминале по околните градови, борејќи се за гола егзистенција. Поголем дел од мештаните се повозрасни, а останати се стотина жители кои се навикнале на ваквиот живот.

Како во повеќето села, така и во Стенче на прсти се бројат куќите во кои владее семејната атмосфера, а останатите гордо му пркосат на времето, додека пак некои паѓаат пред противникот – заборав. Според рускиот филолог, Афанасиј Селишчев, селото во 1929 година имало 101 куќа со 957 жители.

Главни дејности во селото се сточарство и земјоделство, но со текот на годините се помалку се луѓето кои се занимаваат со тоа.

„Многу од мештаните заминаа да живеат во Тетово. Во подобар живот. Сега само малкумина чуваат овци, садат градинарски култури“, ни рекоа локални жители од селото.

Во минатото во селото имало и над 900 жители, а имало и многу учени луѓе, а сега останати се само повозрасните да ги раскажуваат нивните приказни и случувања од младоста.

Во ова село има пет цркви: Св. Илија (селска црква која го носи името на селскиот заштитник, а порано се празнувало со музика и доаѓале луѓе од околни градови), Св. Петка, Св. Недела, Св. Екатерина, Св. Анастасиј (на овој празник се вари грав, мажите јадат во црковниот двор, а жените доаѓаат со сад за да земат за дома- ова е за летниот празник – за зимскиот, мажите прават скара во таа црква).

Освен тоа, над самото село на 730 метри надморска височина, се наоѓа Стенчевската тврдина чие наоѓалиште е старо 8.000 години. Луѓето што ја формирале неолитската населба знаеле за архитектура и граделе куќи според големината на семејствата. Пронајдени се орудија и оружја од камен, коска и кремен, секири, длета и разни кремени артефакти.

Тумба Потсело е неолитска населба кај селото, на левиот брег на реката Вардар. Со истражувања се откриени културни слоеви од раниот, средниот и од доцниот неолит. Материјалната култура се одликува со карактеристична керамика сликата со бела и со кафеава боја и со богата култна пластика.

Стенчевци можат да се пофалат и со свои традиционални јадења како: топтаница (традиционален рецепт кој датира од 19 век), качамак, макало, серај (првото млеко од кравата што се отелила, се меша со јајца и шеќер и се пече како колач).

Стенче е вистинско место каде може да си го пронајдете мирот, особен кога ќе трнете кон повисоките места на селото, по патот кој води кон високото село Гургурница. Во бујната дабова шума, на неколку километри од селото е црквата Св. Петка, која од темел е изградена пред 27 години, а претходно на тоа место имало само крст.

Кога ќе направите круг околу селото, секој агол од ова место ќе ве наврати години наназад кога по селската калдрма се слушал детскиот џагор, селото бил бучно и весело. За разлика од сега, Стенче е мошне тивко село, можеби подзаборавено од луѓето, но секогаш предизвикува насмевка со неговата неверојатна природа и чист воздух.

Текст и фото: Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости