(Фото) Политичарите се во корелација со олигарсите кои не трујат, порачаа демонстрантите пред „Усје“

by fokus

И покрај студеното време, над 50 демонстранти со собраа пред цементарница „Усје“, поради како што рекоа, големиот загадувач на Скопје.

– Дојдовме тука да им се извиниме, дека ние загадуваме со цигарите, а не тие”, порачаа демонстрантите. Пред Цементара дојдоа и официјални лица од фабриката.

Протестот почна со минута молк за сите жртви на загадувањето

-Не е проблемот во мазутот. Најголем проблем е во корупцијата. Политичарите се во корелација со олигарсите кои не трујат. Дојдовме денеска да им кажеме дека знаеме што прават, порачаа граѓаните.

-Да ги потсетам политичарите дека децата имаат право на чист воздух. Загадувањето е еден од главните фактори за смртност кај децата. Загадувањето е кривично дело и треба да одговарат сите одговорни за тоа. Децата се почувствителни од возрасните на загадувањето, порача претседателот на „Меѓаши“,  Драги Змијанац.

-Очигледно е дека Скопје е најзагаден во светот. ПМ 10 честитките содржат канцерогени честички. Зголемениот број на канцерогени заболувања е резултат на канцерогени честички, изјави педијатар присутен на протестот.

Од цементарницата пак преку соопштение за јавноста порачаа дека „Усје“ не е причинител на состојбите со амбиенталниот воздух во Скопје.

– Немаат логика какви било блокади на Цементарница УСЈЕ, затоа што сите релевантни мерења на емисиите докажуваат дека УСЈЕ не е причинител на зголеменото загадување на воздухот во нашиот град. Дополнително, неспорен аргумент е дека УСЈЕ ги имплементира сите домашни и европски регулативи од областа на заштитата на животната средина во индустријата. УСЈЕ ништо не крие и постојано е отворена за сите заинтересирани граѓани, активисти и невладини организации, затоа што веруваме во отворена, аргументирана и одговорна дебата, се вели во нивното соопштение.

Ј.Ц.

Поврзани новости