Во прилепската болница „Борка Талески“ денеска паднал таванот во една од болничките соби на Одделот за хирургија, дознава „Фокус“.
Според нашите информации, болничката соба каде што се откачил плафонот била празна, односно немало пациенти, а пациент кој бил сместен во соседната соба бил испратен дома поради безбедносни мерки „Фокус“ располага и со фотографија, која ни ја достави пациент кој бил хоспитализиран во болницата.
Се потрудивме да стапиме во контакт со новиот директор на болницата Драги Богоевски, кој ни потврди дека плафонот во една од болничките соби паднал и се сомнева дека силниот ветер е причина за тоа, но сепак додава дека ќе го испитаат целиот случај.
„Болницата пред две години беше реновирана преку министерството за здравство, кога со него раководеше Никола Тодоров. Сменети се спуштените плафони во одделенијата и дали поради силниот ветер денеска се откачиле сајлите што ги држат плочите кои се направени од гипс и стриропор и плафонот паднал – истакна доктор Богоевски.
Тој додава дека нема повредени затоа што собата кај што паднал таванот немало пациенти, но признава дека опасноста постои.
„За среќа, во собата кај што падна плафонот немаше пациенти и нема повредени. Имаше само еден пацинет во соседната соба и тој е испратен дома поради безбедносни мерки. Ако имало пациенти во собата можело да биде страшно – вели директорот на болницата.
На прашањето што ќе преземат за во иднина да не се повтори ова, тој истакна дека најпрвин мора да го испитаат целиот случај, да видат што се причините и да донесат одлука како да го решат проблемот и како да се заштитат пациентите.
И.М.