ФОТО Како летува Митко Јанчев: Одморот не смее да биде табу!

by fokus

Фото: Фокус

Првата половина во месец август, традиционално со години наназад е време кога владините функционери, министри, советници и градоначалници го користат својот годишен одмор. Дестинациите на кои летуваат нашите политичари секогаш го будат интересот на јавноста. Дали ќе се одлучат за летување во некое мирно, семејно одморалиште во регионот или пак егзотична и далечна дестинација, дали летуваат со семејството или пак со пријатели, па дури и фотографиите од плажа, редовно биле приватни настани на политичарите кои пошироката јавност редовно ги следи и коментира на социјалните мрежи.

Според многумина, начинот на кој некој летува, многу раскажува за самата личност. Така, од избраната дестинација, може да се заклучи дали се работи за семејна личност, вљубеник во природата, дали политичарот ужива во скромност или пак летувањето го минува во луксуз.

И, ако во развиените земји редовна практика е политичарите да споделуваат фотографии од летувањето со јавноста, кај нас темата се уште е табу и нашите политичари, на некој начин срамежливо, во последните години само ја наведуваат избраната дестинација, чувајќи си ги останатите детали за себе.

Годинава, на темава прв го ,,скрши мразот” кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев. Тој моментално се наоѓа во соседна Грција со семејството, на стотина километри од Солун, во познатото летувалиште Фурка.

За „Фокус” раскажува дека и политичарите се како и останатиот свет, луѓе на кои исто така им треба одмор, и како нема потреба летната дестинација да биде тајна.

-Ова лето со семејството се одлучивме за Грција, сместени сме во хотелот ,,Олимпион Сансет”. Во комплетен состав летуваме, сопругата Веселка, синовите Никола и Стојанче, и најмалата, ќерката Мила. Таа и најмногу ужива во игрите на плажа, кофичките и лопатките ни се неизоставни во овој период од животот. На дванеасетти август се враќам на работа, користам само пет дена одмор, но го споив викендот, така да имаме осум дена за одмор и релаксирање – вели Јанчев.

Додава дека се радува што времето го минува со семејството, и не гледа причина зошто летувањето на било кој политичар би требало да биде табу тема. Ги охрабрува и останатите политичари да бидат полиберални кога е темата во прашање, и да се прекине со старите навики, летувања во тајност, подалеку од очите на народот, кои во минатото во многу случаеви завршија со папарацо фотографии од политичари на плажа.

Заедно со неговото семејство летувала и неговата сестра Јанинка, заедно со семејството.

Покрај Јанчев, деновиве своето летување го започнаа и голем број од членовите на Владата. Премиерот Зоран Заев во Грција и Охрид, Радмила Шекеринска во Скандинавија, Кочо Анѓушев во Грција, претседателот Стево Пендаровски во Охрид, Христијан Мицкоски во Хрватска, Дамјан Манчевски во Италија, Рената Дескоска во Охрид, Бујар Османи во Албанија, Мила Царовска во Турција.

Иако во име на транспарентноста и отворениот однос кон јавноста, најавија дека нема да ја кријат летната дестинација, сепак голем дел од владините функционери, во очи на почетокот на летниот одмор ја задржаа старата практика, да не ја откриваат дестинацијата под образложение дека се уште не одлучиле каде ќе летуваат. Помеѓу нив се Оливер Спасов, Венко Филипче, Никола Димитров, Горан Сугарески, Садула Дураки, Крешник Бекташи и други.

Вики Клинчарова

Поврзани новости