Студентите ја продолжуваат својата битка со владата, барајќи да се укине воведувањето на државен испит на факултетите и да се укинат спорните законски измени во високото образование. Тие денеска го окупираа Универзитетскиот кампус, односно Правниот, Филозофскиот, Филолошкиот и Економскиот факултет, а за утре е планирана окупација и на техничките факултети.
Екипата на „Фокус“ беше во ноќна посета на студентите, каде што можевме да забележиме дека тие доста креативно го поминуваат своето време. Дел од нив се испоседнати по скалите, дел цртаат, слушаат музика и ги пречекуваат луѓето кои цело време им доаѓаат во посета. Тука се наоаѓаат и шаторите во кои дел од студентите планираат да ја поминат ноќта.
Студентите планираат да останат таму се додека владата не ги прифати нивните барања, а за првпат во историјата на Македонија се случува студентска окупација на факултетите.
– Ние ќе останеме овде, се додека е потребно. Имаме храна, вода, ќебиња. Нашата цел е позната и додека тоа не се оствари и владата не ги прифати нашите барања, деноноќно ќе останеме тука. Си го сакаме Универзитетот, неговата автономија нема да дозволиме никој да ја руши – тврдат од Студентскиот пленум.
Од сите страни, на студентите им стигнуваат храна, вода, ќебиња, помош….Граѓаните се солидаризираат со нив, па скоро на секој чекор околу Универзитетскиот кампус можат да се забележат луѓе со полни ќеси во рацете.
За денешната окупација на факултетите, досега со став не излегоа ниту од валадата, ниту од ресоното министерство. Во меѓувреме, тие добија поддршка и од дел од своите професори, кои како што велат се горди на своите студенти.