Каде заврши “бонусот” од 25 милиони евра за тајната полиција?

by Фокус

Тајната полиција доби за 40 пати поголем буџет со ребалансот во 2008 година или вкупно 25 милиони евра. Без да добие одговор за намената на овие пари, собраниското мнозинство го одобри овој “бонус”. Во годинте што следеа, во услови на голема глобална криза, буџетот за државна безбедност остана нечепнат или се зголемуваше. Дали со овие пари на граѓаните се зголеми нивната безбедност или се злоушпотребија, одговорот треба да го даде расплетот на “бомбата”.

пишува Ида Протуѓер

Што ли ќе купува тајната полиција со 25 милиони евра – праша пратеникот и лидер на Либералдемократската партија Јован Манасијевски на собраниската расправа за ребалансот на буџетот летото во 2008 година.

Ниту тој, ниту јавноста никогаш не добија одговор на што ги потроши МВР фантастичните 25 милиони евра или 40 пати повеќе одошто беше планирано со првично планираниот буџет за државна безбедност во 2008 г. Собраниското мнозинство без да добие одговор за намената на овие средства, го изгласа ребалансот заедно со “бонусот” за тајната полиција.

Со првично планираниот буџет, за оваа намена беа испланирани само 781 илјада евра. Манасијевски тогаш изјави дека според пресметките што ги правеле тој и неговиот тим, тајната полиција немала потрошено вкупно толку пари во претходните осум години. Оттука, тој праша за каква набавка станува збор, но МВР остана “затворено” за одговор

Само МВР не ја почувствува глобалната криза

Да биде ситуацијата уште поинтересна, по молкот за зголемувањето на буџетот за државна безбедност од 700 илјади евра на 25 милиони евра, во наредната, кризна 2009 г., кога владата кратеше драстично секаде, каде министрите и премиерот промовираа антикризни мерки со образложение дека тешко не погодила глобалната криза која изби во светот во последното тримесечие од 2008 година, буџетот на МВР остана речиси нечепнат. Од првично планираните 8,6 милиони евра во услови кога државната каса беше кроена со очекување дека економијата ќе расте 4,5 отсто, кога земјата влезе во рецесија, буџетот за државна безбедност падна само на 7,4 милиони евра со првиот ребаланс и 7,2 милиона со вториот ребаланс. Или со други зборови, рецесијата се почувствува секаде, само не во МВР и особено во секторот државна безбедност.

{EDB78BE9-1070-410A-A14F-517CF640A97E}_manasko-2“Профитирањето” на МВР при планирањето на буџетот продолжи и во наредните години. Со ребалансот на буџетот во 2010 година, ова министерство доби 11 милиони евра повеќе од првичниот план. Повторно Манасијевски, овојпат како претседател на Комисијата за финансирање и буџет беше најгласен.

–       Со вака креиран буџет на МВР се ограбуваат граѓаните и се праќа лош сигнал за другите министерства – изјави Манасијевски на собраниската расправа за ребалансот.

Повторно со ребалансот се кратеше речиси во сите сектори под налетот на враќањето на кризата на глобален план, само МВР наместо помалку пари, наместо 153 милиони евра со првичниот буџет, добива 164 милиони евра со ребалансот.

Истовремено, во буџетската програма Унапредување на безбедноста каде главно се одвојуваат пари за Министерството за одбрана и јакнење на безбедноста според НАТО стандардите, парите од година в година се тенчеа и од 13 милиони евра планирани со буџетот за 2008-мата, буџетот за оваа програма се преполови со ребалансот истата година на 7 милиони евра, а во 2010 г. се сведе на само 2,2 милиона евра. Дали сразмерно на овие пари со кои се зајакнувала државната безбедност граѓаните почувствувале придобивки или овие пари биле злоупотребени за масовно прислушување, одговор ќе треба да даде Обвинителството кое ги доби документите од првата “бомба” што ја обелодени лидерот на СДСМ.

Поврзани новости