Форумот на слободоумни патриоти, кој го сочинуват членови на ВМРО-ДПМНЕ предводени од Јове Кекеновски, незадоволни од актуелното партиско раководство на чело со Никола Груевски, го поддржува и ќе учествува на денешниот протест организиран од граѓанската натпартиска коалиција „Граѓаните за Македонија“.
„Длабоко сме разочарани и огорчени од двојната квази-патриотска политика на Грувески. Маските паднаа, oд вчера на сите ни е јасно дека лажниот патриотизмот на Груевски бил и се уште е само средство за голо останување на власт без оглед на последиците по државата и граѓаните. Груевски непростливо ја подели Македонија, го подели народот на наводни патриоти и наводни предавници, а од вчера се гледа дека согласно неговиот критериум, токму тој е најголемиот предавник“, велат од Форумот, по вчерашната „бомба“ на опозицискиот лидер Зоран Заев, која покажа дека, според него, Груевски се пазарел за името во паралелен преговарачки процес.