Трагедијата што ги потресе Тетово и пошироката јавност, во којашто животот го загуби 33-годишна родилка поради нестручно породување, е уште еден силен аларм за нефункционалноста на здравствениот систем во Македонија, реагира денеска Даниела Настова Пиштолова од Форумот на жени СДСМ.
– Сведоци сме на повеќе смртни случаи на родилки и новороденчиња за време на актуелната власт. Во Битола, млада жена го загуби животот за време на царски рез. Родилка од Велес умре на породување. Бебе во Прилеп почина 60 часа по породувањето, откако примило вакцина во заспана состојба. Брзо по раѓањето починаа новороденчиња од Студеничани и Шуто Оризари… Недозволиво е во 21-от век да умираат новороденчиња, да умираат млади жени во породилиштата, да оставаат деца сирачиња, а од друга страна да се повикува на зголемување на наталитетот и многудетни семејства од страна на неодговорната власт – вели Настова Пиштолова.
Таа истакна дека фотографиите од породилиштата низ Македонија, коишто изминатиов период ги преплавуваат медиумите, покажуваат стравични, нехумани и нехигиенски услови каде што на свет доаѓаат новороденчиња.