Дваесетина јавни личности денеска го формираа таканареченото Граѓанско движење за одбрана на Македонија. Членовите, меѓу кои се и актерите Тони Михајловски и Зоран Љутков, професорката Виолета Ачковска и режисерот и писател Братислав Димитров, велат дека не се задоволни што се прислушувале илјадници граѓани од странските служби, а потоа тие материјали се искористуваат со цел да се внесе раздор и незадоволство во земјава. Останува нејасно од каде им се се овие информации дека македонските граѓани се прислушкувани.
– Јас со голема загриженост овие денови го следев сето она кое се случуваше бидејќи сфатив дека се оди кон тоа со внатрешни сили дефинитивно да се затвори македонското прашање. Како да се затвори? Со тоа што ќе не преименуваат, ќе не прекрстат, а нашето преименување, преку сето ова кое се случува ќе биде чекор кон укинување на државата, беа зборовите на професорката по историја, Виолета Ачковска.
Од новоформираното движење велат дека тие не сакаат да се дозволи дестабилизација на Македонија, нејзино преименување и исчезнување на државата. Не соопштија како ќе делуваат, кои ќе бидат нивните следни акции и на кој начин и од кого ќе ја бранат државата.