Дополнителни 10 милијарди евра од итните фондови за ликвидност ќе добијат грчките банки, соопшти денеска од Министерството за финансии на Грција. Оваа одлука следува откако вчера Европската централна банка одлучи повеќе да не ги прифаќа грчките обврзници како гаранција за кредитите.
„Грчкиот банкарски систем останува соодветно капитализиран и целосно заштитен преку пристапот до итните фондови за ликвидност“, стои во соопштението на грчкото Министерство за финансии.
Со ова, товарот за финансирање на грчките банки падна целосно врз Грчката централна банка. Одлуката на Европската централна банка стапува на сила од 11 февруари, што значи дека Грција ќе остане без еден од клучните извори за финансирање. Оваа вест предизвика пад на еврото за 1,2 проценти и пад на грчката берза за 9 проценти.