Триесет и девет нови стипендии традиционално и годинава доделува Фондацијата „Трајче Мукаетов“ од кои 18 за студенти на Фармацевтскиот факултетот и 21 за студенти на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“-Скопје за учебната 2017/2018 година.
Стипендијата изнесува 6.500 денари во текот на 12 месеци. Претседателот на Фондацијата и генерален директор на „Алкалоид АД“ Скопје, Живко Мукаетов денеска на прес-конференција рече дека заклучно со овие стипендии досега Фондацијата има стипендирано 418 студенти од кои 159 ги завршиле студиите по фармација, а 129 ги завршиле студиите по медицина.
Посочи дека заклучно со денеска 63 од дипломираните студенти веќе работат во компанијата „Алкалоид.
– Тоа за мене претставува една посебна гордост, затоа што тоа е еден континуитет од помагање на нивното студирање, па до денешен нивен придонес во работењето на компанијата. За мене е многу важно што ние потврдуваме дека сме компанија која е општествено одговорна, се грижи за развојот на општеството, се труди да биде една додадена вредност и да помогне секаде онаму каде што може, додаде Мукаетов.
Нагласи дека годинава првенци на генерација кои ќе добијат еднократна парична награда од 1.200 евра во денарска противвредност се Александра Зафировска и Душко Шалабалија од Фармацевтскиот факултет со просек 9,75, и Невенка Ридова од Медицинскиот факултет со просек 9,76.