Љупчо Николовски: Поварадрие до денар ќе го исплати долгот кон лозарите

by Фокус

До денар ќе биде исплатен долгот кон лозарите од страна на винарската визба ,,Повардарие’’ Неготино, информираше денес министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски. Според него, инспекторатот утврдил дека визбата има залихи на вино, и со нивна продажба лозарите ќе бидат исплатени.

-Сериозно сме фокусирани на ова прашање и во наредните денови ќе се прави притисок за целосна и брза исплата на секој лозар. Потпишав решенија со кои се одобрува продажбата на вино од залихите, а со средствата ќе бидат исплатени лозарите. Запознат сум со случајот Повардарие кој и покрај долговите бил игнориран цели десет години – изјави Николовски.

Уште пред три недели стотина лозари ги блокираа двете капии на Повардарие, бидејќи се уште не ги добиле парите за предаденото грозје. Тие се жалеа дека има лозари кои не ги добиле парите од предаденото грозје уште од 2014 година.

Кон крајот на август, Повардарие поднесе кривична пријава за измама и злоупотреба на службена положба и овластување против поранешниот министер за земјоделство Михаил Цветков и поранешните заменици-министри за земјоделство и за економија, Ванчо Костадиновски и Христијан Делев.

Според пријавата, Цветков, Костадиновски и Делев настојувале Повардарие да откупи што поголема количина грозје од лозарите поради предвремените парламентарни избори. За тоа и ветиле исплата на субвенциите веднаш, но и ургенции кај Министерството за финансии да не покренува постапка за долгот што го имала и што планирала да го плати кон Царинската управа.

Тројцата владини функционери ја наговарале винарницата, наместо да го плати долгот кон Царинската управа, со тие пари, околу еден милион евра, да откупи грозје. Верувајќи им, Повардарие така постапила и, како што стои во кривичната пријава, откупила 23 милиони килограми.

Но, по откупот на грозјето следело поведување стечајна постапка од страна на Минсистерството за финансии. Околу седум илјади лозари од Тиквешијата соработуваат со винаријата, која е една од најголемите во регионот.

В.К.

Поврзани новости