Преку Фондацијата “Заев – Едно општество за сите” испративме 20 тони производи македонска хуманитарна помош за војската и за цивилното население во Украина, информираше поранешниот премиер и лидер на СДСМ Зоран Заев.
„Помошта ја доставивме во координација со Горениук Олександр, пратеник во Парламентот на Украина. Помошта пристигна во Одеса, стратешка позиција на демократска Украина, но и град од каде нашиот Крсте Петков Мисирков дејствуваше за македонските работи. Нека биде оваа помош придонес кон заштитата на украинското население кое е под воената агресија од страна на Русија“, напиша Заев на фејсбук.
Тој додаде дека поддршката на независноста и суверенитетот на Украина и осудата на руската воена инвазија е јасна позиција како припадници на западниот, демократски и мирољубив свет.