Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, утре, од Скопје ќе ја започне балканската турнеја која ќе биде посветена на енергетската криза.
Целта на посетата на претседателката на ЕК, како што најавија од Брисел пред два дена, е да му се пренесе на регионот дека тој е важен за Европската Унија.
Како што и самата Фон дер Лајен најави минатата недела од Стразбур, еден дел од помошта во областа на енергетската криза ќе биде вклучувањето на земјите од Западен Балкан за заедничко купување на енергенси со земјите од ЕУ. Оваа платформа има за цел да ја зајакне соработката меѓу земјите и да ја намали конкурентноста помеѓу државите на енергетскиот пазар.
Поради нејзиното доаѓање, МВР за утре и задутре најави посебен сообраќаен режим и апелира граѓаните да ги почитуваат наредните од полицајците.
„СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот по сообраќајниците на поширокото централно подрачје на град Скопје. МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници“, велат од МВР.