„Фолксваген“ ги откачи Македонија и Србија

by Fokus

Германскиот автомобилски гигант „Фолксваген“ фабриката што ја најави во Источна Европа нема да ја гради ниту во Македонија, ниту пак во Србија. Откако ги дисквалификува двете земји, компанијата се изјасни дека размислува инвестицијата од 1,3 милијарди евра да ја реализира во Турција или Бугарија, а одлуката ќе ја соопшти до средината на јули.

Но, според пишувањето на весникот Ханделсблат  „Фолксваген“ најверојатно ќе се одлучи за градот Измир во Турција. Како што беше претходно најавено, при изборот на локацијата се води сметка за тоа платите во земјата да се ниски, а трговските можности добри.

Како што вчера пренесе  бугарската агенција БГНЕС, Турција е најверојатниот избор и покрај моментално сложената политичка ситуација. За изборот, го пренесува бугарската агенција пишувањето на германскиот весник, би придонеле неколку фактори, пред се финансискиот. Имено, власта во Анкара е подготвена да инвестира неколку стотини милиони евра за изградба на новата фабрика за автомобили,  а со сумата би се покрил поголем дел од планираната инвестиција од 1,3 милијарди евра. Со ова, појаснува БГНЕС, Турција и станува голем конкурент на Бугарија, која како членка на Европскиот совет може да даде и правни гаранции до извесен степен.

Друг фактор кој би влијаел на конечната одлука за локација на фабриката е тоа што Турција е многу добар пазар за моделот „пасат“, а турските власти би можеле да го користат и за службени потреби.

Кога е во прашање  политиката, менаџментот на „Фолксваген“ го земал во предвид фактот дека многу европски концерни се воздржуваат од инвестиции во Турција поради личноста на претседателот Реџеп Ердоган.

-Се очекува решението  за изградба на фабрика таму да биде критикувано и тоа да нанесе удар на имиџот на компанијата, но последниот збор ќе го имаат рамковните услови кои ќе ги постави Турција, пишува Ханделсблат, пренесува БГНЕС.

Според некои германски политичари, вакво економско зближување би ги подобрило и политичките врски меѓу двете земји.

Инаку, освен Македонија, Србија, Бугарија и Турција, на почетокот на годинава кога ја најави новата инвестиција „Фолксваген“ како можни дестинации ги посочуваше и Унгарија, Романија и Полска, но овие земји веднаш ги дисквалификува.

Поврзани новости