Фолк естрадата со полни раце работа за новогодишниот дочек!

by Fokus

По кризата од забраната за настапи која беше актуелна од почетокот на пандемијата, естрадата повторно се врати на стариот начин на функционирање. Со настапите во живо во локали, ноќни клубови и на семејни свечености, музичарите го надоместуваат пропуштеното, а веќе паднале и првите договори за најскапо платените настапи, за време на дочекот на Новата година.

За разлика од поп музичарите, годинава фолкерите ќе имаат полни раце работа. Многу од нив ги објавија деталите за своите ангажмани за новогодишната ноќ, додека дел од нив велат дека понуди за гостување не недостигаат, туку се уште не се решиле која ќе ја прифатат.

И додека само мал дел од општините излегоа со официјалната новогодишна програма на градските плоштади, а останатите се колебаат околу организиран дочек поради енергетската криза и пандемијата, угостителските локали во земјава на големо ги најавуваат празничните забави со музички гости.
Така на пример, фолк пејачката Елена Велевска за новогодишниот дочек ќе пее во локал во Кавадарци, а Андријана Кеш во Скопје.


Сузана Гавазова ќе има заеднички настап со Јоце Панов и Адил во локал за свечености во Скопје, групата Молика ќе настапи во Гетеборг, Шведска, српската турбо фолк пејачка Теа Таировиќ со Балкан бенд ќе пее во локал во Скопје, Цаки Кисми пак, кој најави настап во Швајцарија, извести дека истиот е откажан поради нови ковид мерки.

Фолк пејачот Јордан Митев ќе пее во ресторан во Струмица, група Маестро во хотел во Охрид, Ескејп бенд и Драгана во Пехчево, Стакато бенд во Велес, Сања Барби, Живко Динев, Коки Јанков и Здравко Ангелов ќе имаат заеднички настап во локал во Австрија.

Голем број на ресторани во Охрид исто така најавија организиран дочек, со напомена дека наскоро ќе информираат кои музички ѕвезди ќе им гостуваат. Во Охрид ќе има и организиран дочек на градскиот плоштад и ќе настапат локални музичари. Исто и во Кавадарци на плоштад ќе се слави со локални бендови.

Вики Клинчарова

Поврзани новости