Семејниот ресторан на тенискиот ас Новак Ѓоковиќ, ,,Новак 1“, сместен во модерниот дел на Нов Белград, е интересна дестинација за голем број туристи и љубители на легендарниот спортист. На булевар ,,Арсениј Чарнојевиќ” 54 е лоцирано катчето, кое привлекува гости од сите страни на светот, кои сакаат да ги вкусат кулинарските специјалитети кои се нудат на менито составено од фамилијата Ѓоковиќ.
Ресторанот е уреден во урбан стил, а вниманието уште на влезната врата го привлекува истакнатиот знак на кој пишува дека кучињата се добредојдени. Покрај тоа, како изненадување е и фактот дека во ресторанот на врвниот спортист е дозволено пушењето. Знаци за дозволено пушење и пепелници има речиси на сите маси, односно повеќе од две третини од масите се означени за пушачи. Останатите, на кои не е дозволено пушењето се во значително помал број и не се одвоени со никаква преграда, туку се наоѓаат на истиот отворен простор.
Ако некој можеби очекувал да наиде на зелена веганска атмосфера, каде се нудат специјалитети од разни семиња и алги, кои најчесто ги промовира Јелена, сопругата на Новак, која важи за голем промотор на здравата храна,ќе се изненади.Во ресторанот на Ѓоковиќ, и покрај елитниот и современ ентериер, сепак, во кујната се приготвуваат традиционални српски специјалитети, богати со животински масти. Плескавици со кајмак, ќебапи, печено свинско и телешко месо, ајвар, шопска салата, грчка салата.. е само дел од понудата. Покрај балканската кујна, на менито има и понуда од веге специјалитети, но сепак, преовладува традиционалната кујна.
Околу тоа како функционира ресторанот на тениската легенда, ,,Фокус“ разговараше со Душан Остојиќ, дел од персоналот на ,,Новак 1“. Тој вели дека секој ден од девет наутро, па до полноќ речиси и да нема слободна маса. Посетителите доаѓаат, многу од нив во надеж дека можеби ќе го сретнат Ноле, купуваат од производите изложени во посебниот дел, наречен “Продавницата на Новак“, каде се нудат маици, капчиња и слични реквизити со неговото име, се фотографираат покрај изложените пехари, или пак во отворениот дел пред фонтаната во која се наоѓа фотографија од Ѓоковиќ на стакло, во природна големина.
-Нема ништо чудно во тоа што овде е дозволено пушењето. Ноле е спортист кој живее здрав живот, но сепак, ова е Србија, поголемиот дел од луѓето се пушачи и сите ние сме свесни за тоа. Така е во сите ресторани, речиси секаде се пуши, или пак, масите се поделени на два дела, за пушачи и непушачи. Тој доаѓа во ресторанот, некогаш можеби два пати неделно, но ако има напорни подготовки, може да се случи да дојде и само два пати годишно. Но, затоа овде константно е присутен неговиот татко Срѓан кој одлично менаџира со местово– појаснува Остојиќ.
Додава дека откако постои ресторанот, кучињата биле добредојдени во него, а Новак и неговото семејство не се ни двоумеле за таа одлука.
-Свеста за животните и грижата за нив е на се повисоко ниво. Нема зошто да ни пречи ако некој гостин си го внесе своето куче овде, напротив, семејството Ѓоковиќ нема никаков проблем со тоа, ниту пак некој од посетителите реагирал зошто се пуштаат кучиња во локал каде се служи храна. И сопствениците на кучиња се свесни, па доаѓаат најчесто со помали раси на кучиња, но и да донесат голем пес, ќе биде добредојден во ,,Новак1“ – раскажува Душан.
Цените во ресторанот на Ноле се слични, како и во повеќето елитни ресторани во Белград. Може да се порача шише вино од 750 мл по цена од 20 евра од српско производство, но се нудат и француски вина по цени од околу 400 евра. Салатите се со почетни цени од 250 денари, па нагоре. Кулинарските специјалитети се движат од околу 500 денари, па нагоре, преовладува скарата, но има и морски специјалитети и тестенини. Се нудат и традиционални десерти како палачинки, сладолед, разни колачи… Атмосферата е пријатна, а музичкиот избор се најчесто рок балади.
Вики Клинчарова