Осумдесет отсто од новинарите во Македонија сметаат дека се влошува економско социјалната положба на медиумските работници. Дури 90 отсто не се задоволни од нивните примања, половината воопшто не се задоволни од моменталната состојба во новинарството, а 65 отсто искусиле директна цензура.
Ова го покажува анкетата спреведена меѓу 300 медиумски работници во земјава од страна на агенцијата за истражување „М-проспект“ во соработка со Синдикатот на новинари и медиумски работници (ССНМ). Анкетата била спроведена во текот на ноември 2013 година.
Анкетата за работничките и професионалните права во медиумите дава разочарувачки резултати за состојбата во медиумите. Па така, мнозинството испитаници се изјасниле дека биле жртва или сведок на мобинг. Само 3 отсто од анкетираните медиумски работници сметаат дека професионалната положба на новинарите се подобрува, а 83 отсто сметаат дека се влошува. Загрижувачки е и податокот што повеќе од половината анкетирани новинари изјавиле дека практикуваат автоцензура. Голем дел од новинарите сметаат дека нивниот уредник ги брани интересите на менаџментот на медиумот и на одредени центри на моќ.
Анкетата за работничките и професионалните права на новинарите денеска беше презентирана заедно со Белата книга изготвена од ССНМ, која содржи и конкретни стории за тешкотиите со кои се соочува новинарската фела во земјава.
„Земја без медиуми кои имаат независна уредувачка политика, без оглед на изворите на финансирање е земја во која новинарството полека умира и цената за тоа ќе ја плати целото општество. Затоа, прашањето за состојбата со медиумите е прашање за сите, а не само за новинарите, нивните синдикати и здруженија. Затоа што новинарите кои молчат и се плашат, нема да ги постават клучните прашања и да ги соочат моќниците со нивната одговорност и критика на нивното работење“, вели Тамара Чаусидис, претседател на ССНМ.
Белата книга беше овозможена со поддршка од Британската амбасада во Скопје. На денешната презентација, освен голем број медиумски работници, присуствуваа и Кристин Винтербурн, заменик амбасадор на Велика Британија во Македонија, Џим Боумела, претседател на Меѓународната федерација на новинари (ИФЈ), Јасмина Поповиќ, потпретседател на ИФЈ и Тјери Буцбак, претседател на Здружението на фриленс новинарите во Франција.