Вознемирувачки фотографии: Крвави борби со кучиња на секој чекор, полицијата молчи!

by Фокус 23:09
23:09

Пред публика од стотици лица, крвави борби со кучиња се организираат на сите страни. Јавно, а без никаква реакција од полицијата, на социјалните мрежи кружат се повеќе фотографии и снимки од борбите со кучиња, снимени претежно во реонот на Тетово и на Струга.

Подолу можете да видите вознемирувачки фотографии од крвави борби со кучиња, кои под присила на газдите се вклучуваат во нелегалниот бизнис. Неретко едно од кучињата не успева да ја извојува борбата, а доколку повредите му се сериозни, се оди докрај, додека не умре. Фотографиите се направени во последниов месец, па оттаму може да се види колку често всушност се организираат нелегалните борби.

- Advertisements -

Кладбите за борби со кучиња, иако забранети со Законот за заштита и благосостојба на животните, според информациите на „Фокус“, во Македонија се движат до 500 евра по борба, а честопати и повеќе.

Досега не е изречена ниту една казна од страна на полицијата за организирање борби со кучиња.

На снимките и на фотографиите кои до здруженијата за заштита на животните ги испратиле загрижени граѓани од тетовскиот регион кои случајно се нашле на местото, можат јасно да се видат лицата на оние кои се учесници во борбите. Но, за овој проблем во земјава упорно се молчи, бидејќи неофицијалните информации се дека во бизнисот се вмешани и ветеринари, функционери па дури и полициски припадници, под чие будно око се одвива борбата.

Здруженијата за заштита на животни во Македонија одамна апелираат за овој проблем. Ако претходно локациите на закажаните борби се држеа во најстрога тајност, сега тие се сосема јавни – се најавуваат на Фејсбук, а таму се одвиваат и кладбите. Но, за сето ова, упорно се молчи, иако подебелиот крај го влечат кучињата учесници во борбите – животните кои треба да важат за најдобар пријател на човекот, кој пак ги користи како начин за да заработи пари на незаконски начин.

М.Ј.