Испровоцирани од интервју, кое дедо Стефан го дал за весникот „Вечер“, каде што Вранишковски го прогласува за криминалец, од Канцеларијата на Архиепископијата охридска и Митрополија скопска, му возвратија и го обвинија за криминал и неморал.
– Непристојно е г. Стефан да говори за „криминалот и неморалот“ на Архиепископот охридски г.г. Јован и некои негови подржувачи, бидејќи за криминалот што го прави г. Стефан, а за којшто сепак останува недопирлив за органите на прогонот од причини што е вртикапа и се подлизува на секоја гарнитура на власта, знаат веќе сите во Р. Македонија. Нема човек кој не знае за Изгрев, Говрлево, Аеродром – се наведува во соопштението на ПОА, испратено до медиумите.
Покрај обвинувањата за наводен криминал, на дедо Стефан на товар му ставаат и неморално однесување.
-За неговиот, пак, неморал што го прави уште од времето на неговиот краток монашки стаж, па сè до денес, зборуваат не само луѓето во црквата, туку и самите свештеници кои се под негова јурисдикција. Не е непозната психологијата на арамиите, кои тргнувајќи од себе си, сите други ги сметаат за арамии, а, исто така и прељубодејците и блудниците сметаат дека сите се како нив. Така, лагите што г. Стефан ги изнесува за Архиепископот охридски г.г. Јован и неговите приврзаници, всушност го омаловажуваат него самиот, иако се наменети кон омаловажување на други, стои во соопштението.
А, еве на што точно од ПОА му замеруваат на г,г. Стефан. Во интервјуто дадено за весникот „Вечер“ , на два дена пред Бадник, поглаварот на МПЦ, г. Стефан, меѓу другото вели: „Кога сите ќе ги прифатат аргументите со кои се докажува криминалот и неморалот на Вранишковски и некои негови поддржувачи, ќе падне и митот за мачеништвото, но ќе падне и маската за искреноста и одржаноста на овој проект“.
Од ПОА додаваат дека речникот на поглаварот на МПЦ не му прилега на теолог, туку на ѕидар.
– Ако г. Стефан барем малку се разбира од теологија, ќе знае дека ги побркал лончињата во врска со митот и реалноста. Нема мит што во потполност е лишен од секаква реалност. Во некој мит има повеќе, а во некој помалку реалност. Така и во митот за мачеништвото на Архиепископот охридски г.г. Јован има толку порака, колку што секој, според стадиумот на духовноста во која се наоѓа, може да прими. Ако г. Стефан сметал дека мачеништвото на Архиепископот охридски г.г. Јован не е реално, дека на Архиепископот охридски г.г. Јован не му ја запалиле куќата, не ги повредувале неговите монаси и монахињи, не ги навредувале и злословеле преку средствата за информирање, дека судски не го гонеле во шест судски процеси, поттикнати токму од г. Стефан, дека не бил дури седумпати во затвор и тоа само заради тоа што стапил во литургиско и канонско единство со православните цркви во светот, тоа можел да го каже на друг начин, а не преку поврзување со митот!, се наведува во соопштението.
Од ПОА додаваат и дека дедо Стефан покажал непознавање на теологијата, и покажувал манири како политичар.