– Многу жалам што министерката Јанкулоска не се појави на денешното судење. И таму каде што се чувствуваат сигурни, во судот, не сакаат да дојдат. Тоа за мене, според моето воспитување, е непочитување кон институцијата, истакна Шилегов, по завршувањето на рочиштето.
Во својот исказ пред судот, Шилегов истакна дека воопшто не требало да биде тужен, бидејќи тој на прес коференциите не зборувал во лично име, туку од името на СДСМ. Исто така напомена и дека стои зад сето она што го кажал на прес коференциите, каде што зборуваше за имотната состојба на министерката.
– Министерката не ја обвинивме дека на недозволен начин се стекнала со материјални добра. Тоа што тужителката се наоѓа повредена и навредена, е нејзин проблем, а не на законот. Како портпарол објавив податоци исклучиво кои се содржани во јавно достапни документи, и ништо од наведеното не е невистина. Не кажав дека крадела, или дека на криминален начин се стекнала со имотот. Легитимно ја прашавме како е можно со плата да се дојде до толкав имот?, истакна Шилегов, кој додаде дека во нормална демократска држава за ваквите дилеми би се дискутирало на дебати.
Портпаролот на СДСМ истакна дека податоците кои министерката ги доставила до Комисијата за спречување на корупција, за нејзината имотна состојба, не се поклопувале со податоците наведени во нејзиниот имотнен лист. Потсети дека Јанкулоска, пред да стане министерка, имала еден стан, а во 2010 година, кога се омажила бил додаден и имотот на нејзиниот сопруг. Потоа за три години, како што истакна Шилегов, нивниот имот драстично се зголемува, издвојувајќи два стана, во вредност од 200.000 евра.
Ваквите тврдења, пак, министерката ги смета за клевета, со што, според неа, се нарушува нејзиниот чест и углед. Затоа од портпаролот на СДСМ побара оштета од 16.000 евра, кои би требало да ја надоместат душевната болка која ја доживеела.