Аферата Телеком се стеснува кон Македонија

by Фокус

Судењето за аферата Маѓар Телеком ќе продолжи врз основа на тврдења поврзани со Македонија.

Ова се вели во соопштението на амбасадата на Соединетите Американски држави во Подгорица, а пренесе црногорскиот портал „Вјести“.

Имено, Американската комисија за хартии од вредност дошла до докази за подмитување во Црна Гора, но поради рационализација на постапката против тројцата бивши директори на Маѓар Телеком, судењето ќе продолжи само врз основа на тврдењата поврзани со Македонија.

„Амбасадата ги повикува црногорските власти да спроведат потполна истрага за сите оние што се инволвирани во случајот. Сепак, поради рационализација, во продолжението на постапката во овој предмет, тужбата во потполност ќе се базира на тврдењата поврзани со Македонија“, се вели во соопштението.

Постапката против Елек Штрауб, Андраш Балог и Тамаш Морваија поради корупција во Црна Гора, се однесува на тврдењата дека тројцата одобриле Маѓар Телеком да подмити владини функционери со 7,35 милиони евра со цел да и се олесни на компанијата да стекне сопственост на државната телекомуникациска компанија Телеком Црна Гора А.Д.

Во делот за Македонија, Штрауб, Балог и Морваи се обвинети дека преку договори за наводни консултантски и маркетинг услуги, префрлиле пари кон компании поврзани со високи функционери на македонската Влада. Во замена за тоа, Владата го одложувала носењето на одлуката за воведување на нов, трет мобилен оператор, и со тоа ги држела цените на телекомуникациските услуги во Македонија вештачки високи и им обезбедувала дополнителен профит на Маѓар и на Дојче Телеком како сопственици на Македонски Телекомуникации. Како поткуп да не биде распишан тендерот биле понудени околу 10 милиони долари, исплатени преку Грк – посредник.

Корумпираните политичари се наведени како висок или високи функционери на најголемата владејачка партија во 2005 година, и на најголемата владејачка партија на малцинската заедница во истиот период.