Власта во отчетот им пресуди и на неосудените!

by Фокус

Владата во својот отчет под своја капа си ги ставила сите институции кои според Уставот и законите, треба да бидат независни – се пофалила со судски процеси, кои се уште не се завршени, со ефикасноста на судовите, обвинителството, полицијата.

Отчетот на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ на уште незавршен судски процес, веќе како заслуга си го препишала случајот „Монструм“.

„МВР ги откри убијците од масакрот кај Смиљковското Езеро во кој на грозоморен начин беа убиени пет недолжни граѓани“, стои во отчетот.

Колку за потсетување, случајот „Монструм“ се уште не е завршен, нема правосилна пресуда, а во тек е доказната постапка. Но, тоа очигледно не е пречка за Владата да ја прекрши пресумпцијата на невиност и во својот отчет, на се уште незавршен судски случај, да каже дека власта ги открила убијците.

Сличен беше случајот кога владејачката ВМРО-ДПМНЕ го даваше отчетот за сработеното во 2011 година, кога незавршениот судски случај „Змиско око“ си го препиша како своја заслуга и предвреме ги осуди обвинетите.

Пресумпцијата не невиност се гледа и во останатите завршени проекти на Владата – се пофалила со случаите „Детонатор“, „Фаланга“, „Агент“, „Шпион“… сите судски случаи кои не се завршени, а власта веќе си ги ставила на листата успеси.

Што доколку во текот на постапката се докаже дека некој од обвинетите впрочем е невин и биде ослободен? Дали тогаш Владата ќе печати нов отчет или повторно ќе ја изигнорира пресумпцијата на невиност, која е едно од основните човекови права?

Во својот отчет Владата се фали и со реализираните кампањи, кои патем се водат како „класифицирана информација“ и нивната цена платена од буџетот и по три години останува енигма.

Во фалбите распостранети на повеќе од 250 страници, можат да се најдат и чудни пресметки. Па така, власта пресметала дека бројот на убиства е видно намален за разлика од времето кога СДСМ ја имала власта.

„Просекот во изминативе 3 години изнесува 25 убиства, додека во времето на СДСМ изнесувала тројно повеќе, 62 убиства“.

Најпроста математика ќе покаже дека 25 не е третина од 62.

М.Ј.