Фокус дознава: Пропадна продажбата на поранешната вила на Марковиќ на Водно

by Фокус 11:15
11:15

Агенцијата за управување со одземен имот ја стопира постапката за продажба на куќата на Водно која своевремено му беше конфискувана на црногорскиот бизнисмен осуден за перење на пари во износ од 9 милиони евра Миодраг Марковиќ, познат како близок соработник на некогашниот шеф на македонската царина Драган Даревелски, кој долги години живее и работи во Белград, иако македонските власти го бараат со потерница за неколку кривични дела, дознава Фокус.

-После направените консултации и добиените одговори од надлежни институции, одлучивме да ја стопираме оваа постапка. Иако се би било чисто од законски аспект и доколку постапката се спроведе до крај, сепак донесовме ваква одлука со цел да не оставиме простор за никакви сомнежи во јавноста дека нешто се крие во позадина – велат од Агенцијата, која дополнително ќе одлучува како ќе постапи со овој имот.

- Advertisements -

Ваков епилог следува откако пред една седмица ја објавивме информацијата дека овој имот се става на продажба за десеткратно пониска цена отколку што била претходно проценета, за што поранешниот сопственик Марковиќ поднел и кривична пријава до директорот на Агенцијата за конфискација Фатон Асани и други лица, во која се наведува дека црногорскиот бизнисмен овој имот го стекнал од сопствени и лични парични средства.

-Овој имот ниту бил опфатен во самите пресуди на Основниот суд и Апелациониот суд, ниту пак бил опфатен во Решението за привремена мерка, ниту пак со дополнително донесените Решенија од кривичниот совет на Основниот суд Скопје . Исто така, имотот не е потребно да биде одземен, бидејќи неговата моментална вредност е значително над потребниот износ потребен за надомест на државата од сторена штетата предизвикана со казниво дело – изјави Драги Методиев, адвокат на Марковиќ.

Во однос на тоа, директорот Асани реагираше дека Агенцијата со која директорува објавила оглас за продажба само на куќата на Водно, по направена проценка на Бирото за судски вештачења и врз основа на судска пресуда за поранешниот сопственик Марковиќво која пак се наведува дека на осуденото лице за перење на пари му се одземаат пари, но и „друга имотна корист“.

-Според актуелниот закон за конфискација на сила од 2015 година, во судските пресуди се наведува конкретно и таксативно имотот што се запленува, но Марковиќ е осуден според стариот закон, според кој се запленува цел имот и се продава додека не се врати сумата за која е оштетена државата – истакна Асани, додавајќи дека досега на Марковиќ му биле одземени 11 милиони денари и акции, но се уште е далеку наплата на сумата од 9 милиони евра.

Инаку, главниот проблем настанува поради фактот што Бирото за судски вештачења во период од две години извршило различна проценка на имотот. Прво, Бирото во 2018 година го проценува имотот на околу 969.000 евра, со тоа што во проценката влегува и земјата со површина од 1.517 квадратни метри, чија цена, според правилникот и категоризацијата, изнесува 35.000 денари за квадрат, или вкупно 863 илјади евра.

Меѓутоа, лани во ноември Бирото прави нова проценка, откако не се извршила продажба на имотот во рок од една година од претходно направената проценка. Меѓутоа, Бирото во новата проценка не го калкулира и земјиштето, туку го проценува само објектот на околу 112.000 евра, колку што изнесуваше почетната цена на наддавањето.

Во таква ситуација, Агенцијата се обратила до Катастарот на недвижности, од каде добиле историјат на движење на имотот, од кој произлегува дека Марковиќ своевремено ги поседувал и објектот и земјиштето преку ист имотен лист, кои потоа му биле конфискувани. Затоа, директорот Асани се обратил и до Бирото за судски вештачења.

Според нашите информации, од Бирото одговориле дека висината на цената на чинење на градежното земјиште ја пропишува Владата. Како што стои во известувањето доставено до Агенцијата, согласно Ценовникот за утврдување на пазарната вредност на земјиште во Градот Скопје, односно во Општина Центар-населба Водно 2, каде се наоѓа предметната парцела, утврдената пазарна вредност за објекти и градежно земјиште е 35.000 денари за квадратен метар.

По ваквиот одговор, Агенцијата одлучува да ја стопира продажбата само на објектот без земјиштето, па, како што велат од таму, дополнително ќе се утврди дали објектот повторно ќе се стави на продажба заедно со земјиштето или пак ќе и се додели на Владата, односно Службата за општи и заеднички работи, која потоа може да го користи или издава. Неофицијално, заклучно со вчера, кога истече рокот за пријавување на лицитацијата, се пријавиле десетина физички и правни лица за учество во наддавањето, кое сепак нема да се одржи.

Влатко Стојановски

 

Поврзани новости